Армијата на Република Македонија (АРМ) со 6.850 војници е четврта по бројност меѓу шесте републики на некогашна Југославија, побројна од Словенечката војска (СВ) со 5.889 и од Војската на Црна Гора (ВЦГ) со 1.720, но ѝ недостигаат војници, пишува порталот „Балканска безбедносна мрежа“.
Во долгорочниот план за развој на одбранбениот систем 2019-2028 е дефинирано дека ќе се редуцира бројот на луѓе во Министерството за одбрана од речиси 1.000 на 650-700, се наведува во написот. Споменатите 6.850 војници се приближно реална пополна пред планот за реорганизација. Потоа формацијата бирократски е приближно изедначена со пополната. За оваа година е планирано системот за одбрана во целина да има 7.591 работно место.
Убедливо најбројна во регионот е Војската на Србија (ВС) со активен воен состав од 22.500 луѓе, што претставува околу 40 проценти од вкупниот број војници во армиите на другите пет наведени држави. Втора е Хрватската војска (ХВ) со 14.836, а трети се Оружените сили на Босна и Херцеговина (ОСБИХ) со 14.431 лице.





