Илјадници летови беа откажани откако американските метеоролози вчера предупредија на „потенцијално парализирачки временски услови во централните и источните“ делови на земјата, што би можело да создаде големи прекини во сообраќајот за време на празничниот период.



„Ова не е како снежен ден кога сте биле дете. Ова е сериозна работа“, изјави американскиот претседател Џо Бајден.

Ниските температури што предизвикуваат хаос низ САД и Канада може да доведат до смрзнатини на гола кожа за само пет до 10 минути, предупредуваат експертите.

Поради моќната арктичка зимска бура, издадени се предупредувања за повеќе од 135 милиони луѓе. Областа што ќе ги почувствува ефектите од зимската бура се протега сè до Флорида и границата меѓу САД и Мексико. Националната метеоролошка служба (NWS) објави дека до крајот на оваа недела во некои делови од земјата можни се температури од -45 степени Целзиусови.

Се предвидува дека арктичката воздушна маса ќе донесе силен ветер и температура од -9,4 степени во Ел Пасо, Тексас, каде што многу мигранти без документи спијат на улиците.

Гувернерката на државата Њујорк Кети Хочул прогласи вонредна состојба пред невремето. Taa рече дека постои ризик од недостиг на вода, што се случува кога големите парчиња мраз го блокираат протокот на реката, што може да предизвика поплави.
Вонредна состојба прогласија и гувернерите на Кентаки, Северна Каролина, Западна Вирџинија, Џорџија и Оклахома, јавува Би-Би-Си.