Арифи: „Македонците со мозоци ‘испрани’ поради лагата оти ќе го загубат идентитетот, сега хистеризираат на протестите!“

„Протестите на Македонците против францускиот предлог се ширење хистерија околу нивниот идентитет. Структурите што се залагаат за прекин на преговорите за влез во ЕУ шират лажни вести и пропаганда, со која им ги испрале мозоците на целиот македонски народ и лесно го изманипулирале дека ќе го изгубат својот идентитет, оти ќе бидат бугаризирани. Албанците им се за се дежурни виновници на Македонците, кои и натаму веруваат дека се тие единствените сопственици на државата, а оти другите се само кираџии во неа. Македонскиот национал-шовинизам не е насочен само кон Албанците, туку и против европските вредности на Западот.“ – тврди Беса Арифи, професорка на Правниот факултет на Штуловиот универзитет во Тетово, во својата колумна со наслов „Вечни виновници“, која ја објави информативниот портал на албански јазик „Порталб“.

Арифи пишува: „Како и секогаш, кога национал-шовинизмот ескалира во с.Македонија, тој порано или подоцна ќе биде насочен кон Албанците. И овој пат немаше исклучок. Протестите против францускиот предлог ескалираа. Бесот се исфрли кон Бугарија, но на крајот Албанците беа повторно виновни. Неверојатно е колку се чувствителни и изманипулирани од пропагандата луѓето, што живеат во оваа земја. Колку лесно успеаја да ги уверат нашите македонски сограѓани дека го губат својот идентитет, оти ќе останат без јазикот и дека уште малку па ќе бидат асимилирани од Бугарија. Со денови македонските интелектуалци зборуваат за опасностите од бугаризацијата, кои доаѓаат со францускиот предлог. Со денови се хистеризира прашањето на нивниот идентитет.“

„Овој народ секогаш кога ќе се најде во стеснет круг својот гнев го истура врз своите сограѓани од друг етникум. ‘Проклетите Албанци’ се дежурни виновници за немирите во државата, за војната во 2001 година, за уривањето на Груевски, за Преспанскиот договор, а сега се виновни и бидејќи на чело на процесот за отстранување на бугарското вето е министерот за надворешни работи, кој е Албанец. Со години и десетлетија овие чувства се создавани и негувани меѓу младите генерации на етничките Македонци, кои и натаму мислат дека државата е само нивна, оти се тие нејзините сопственици, додека другите се кираџии, потстанари.“

„Значителен број на луѓе во оваа земја, а особено оние најгласните на последните протести, се убедени дека треба државата веднаш да ги прекине преговорите за зачленување во ЕУ и да се сврти кон азиските земји, предводени од Русија, а можеби и да излезе од НАТО. Токму овие структури сега шират страв и несигурност преку својата неуморна пропаганда. Колку подолго ќе трае оваа ситуација, толку повеќе ќе ескалираат судирите засновани врз лажни вести и врз пропагандата за ‘перење на мозоците’. Овој процес треба да се заврши засекогаш. Нека започнат тие преговори за членство во ЕУ додека се уште ги има оние, кои веруваат во европските вредности и кои се подготвени да се ангажираат за тоа.“