Владата вчера донесе одлука да ѝ додели на Општина Арачиново, која има 21 активен случај на Ковид 19, неповратна парична помош од 30 000 000 денари за справување со последиците од пандемијата.
Во јавноста се поставуваат низа прашања по кои критериуми е направено ова ако се знае дека помош не е доделена, на пример, на општина Гази Баба каде има 1.615 активни случаи, Аеродром 1.535, Кисела Вода 1.435, Карпош 1.370, Центар 1.232 случаи на корона.
Бројките и во другите градови се алармантни: Тетово 998 активни случаи, Гостивар 883, Прилеп 920…но за овие општини пари за справување со последиците со вирусот не се дадени, јавува Алфа.
„Дали владата му плаќа репарација на Арачиново за полициската акција?“; „Ако општина Арачиново доби 500.000 евра со 10 заразени од ковид-19 општина Прилеп треба да добие 50 милиони евра“; „Јас мислам дека е пологично Арачиново да ја помогне Владата, не обратно. Па малце ли го толерира тој шверц со години.Треба Арачиново да каже фала“; „Еве можеби општина Арачиново ќе го изгради патот до скијачкиот центар Кжуф. Општините со години не го изградија, па тој оди во стечај“. Ова се само дел од коментарите на граѓаните, пренесе Плусинфо.





