Арачиновец прво сакал да ги згази, а потоа со нож нападна и рани две лица

Против 33-годишник од Арачиново, Основното јавно обвинителство Скопје, поведе истражна постапка по основано сомнение дека сторил кривично дело – убиство во обид, како и за предизвикување општа опасност по член 288 став 1 од Кривичниот законик.



Осомничениот, на 11 септември се обидел со умисла да лиши од живот две лица, кои вербално протестирале затоа што со голема брзина управувал автомобил „Ленд ровер“ по плочникот кај трговскиот центар „Бисер“ во Аеродром, предизвикувајќи значителна опасност за животот и телото на луѓето.

Во моментот кога оштетените му забележале за опасноста што ја предизвикува, тој завртел со возилото и со голема брзина се упатил кон нив со намера да ги прегази.

Тие се тргнале, па осомничениот излегол од автомобилот со нож во раката и на двајцата им нанел по четири убодни рани, предизвикувајќи им повеќе тешки телесни повреди, дознава Фактор.

Во тој момент се собрала поголема група граѓани кои почнале да викаат и му се спротивставиле на осомничениот со што го спречиле да го доврши кривичното дело, па тој се вратил во неговото возило и веднаш го напуштил местото.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.