„Колку што португалскиот предлог ќе се појавува парче по парче, толку Македонија ќе биде распарчувана, дел по дел, без граѓаните да бидат свесни што на крајот ќе им се случи.
Кога ќе се разбудат, доцна ќе сфатат што направил постојано будниот Заев додека тие спиеле“, пишува новинарот Панде Колемишевски во колумна за „Нова Македонија“ поставувајќи прашање зошто португалскиот предлог за одблокирањее на бугарското вето за Македонија во ЕУ – се крие од јавноста.
„…Предлогот на цела уста го фалат претседателот на Владата, задолжените министри Бујар Османи и Никола Димитров, други министри, некои упатени во него и други владини институции и личности и без да го виделе. Од сите нив не само што е означен како многу добра појдовна основа туку ја добива и оцената одличен и прифатлив за македонската страна. Така ја убедуваат јавноста.
Исто така е познато дека оваа одлична појдовна основа е тајна, власта ја крие од граѓаните, не го објавува документот. Него цел свет го знае, само македонските граѓани не го знаат.
Се чува како да е невина девојка, а е пробиван од многу страни. Сега следува прашањето: Ако е одличен зошто е криен и зошто сѐ уште се крие? Кому би му наштетило нешто што е одлично, можно и прифатливо.
Ако се крие убавото, како би се постапувало со грдото? Што би се случувало ако не е блиску до одличен, ниту многу добар, туку заслужува да му се залепи една голема единица во дневник, еден „кец“ за кој нема поправен испит. На сите им е јасно дека ништо не останува тајно, сите политички искуства од недемократски земји покажуваат дека она што се криело подоцна се откривало и се враќало со ефект на бумеранг. И удирало по чело.
Владината пропаганда тврдеше дека во тој блиску до одличен документ не биле тема идентитетот и јазикот. Кртот што го откопа, вчера – завчера, изнесе на видело дека таму се и историјата и јазикот и идентитетот, за кои, наводно, не се преговара по никоја цена. А, апла се гледа дека се преговара, дека и во португалското писание е истакнат ставот на Бугарија, не на Македонија.
Секој што знае да чита ќе прочита дека пред 1944 г. немало Македонци на планетата Земјина, на картата балканска. За сѐ што се спори во сегашните силни бугарски напади и во македонските млаки одбрани главни се идентитетот и јазикот. Тоа е клучот, јазикот заедно со идентитетот е топката што се шутира цела година од секоја можна позиција.
Не мора да се биде баба Ванѓа за да се предвиди дека колку побрзо овој документ го види светлото на денот објавен во целост, толку побрзо ќе се намалат шпекулациите, толку побрзо Заев помирно ќе спие, ако го фаќа сон воопшто.
Колку што португалскиот предлог ќе се појавува парче по парче, толку Македонија ќе биде распарчувана, дел по дел, без граѓаните да бидат свесни што на крајот ќе им се случи. Кога ќе се разбудат, доцна ќе сфатат што направил постојано будниот Заев додека тие спиеле“, пишува Колемишевски.







