Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС) не е против Предлогот на законот за измени и дополнување на законот за игри на среќа и забавни игри, но предупредуваат дека се против погрешни, противуставни и популистички мотивирани законски измени.
Од компаниите-членки на Групацијата директно и индиректно редовни примања добиваат околу 54.000 луѓе. Тие стравуваат дека ќе се стави клуч на врата на легалните приредувачи на игри на среќа, но играњето нема да запре, играчите ќе бараат алтернатива и ќе се префрлат на нелегални локации, каде државата ќе нема контрола ниту врз средствата, ниту врз безбедноста на играчите.
АПИС, во која членуваат трговските друштва кои организираат игри на среќа во автомат клубови и казина, претставници на Новоматик и Апекс од Република Австрија, побара да се обрати на седницата на Комисијата за европски прашања кога ќе се разгледува Предлогот на законот.
„Наша должност е да ги информираме народните избраници за крајно штетните последици кои неминовно следат доколку законски измени бидат изгласани од Собранието со решенијата кои се дел од предложените законски измени“, велат од Асоцијацијата.
Велат дека не се против измени, но се против погрешни, противуставни и популистички мотивирани законски измени и барале уште на 16 ноември нивни правни тимови да бидат вклучени во процесот на изработка на предложените измени.
„За жал, и покрај писменото ветување на Министерството за финансии од 19.12.2022 дека после изготвувањето на првичниот драфт на измените ќе ни се овозможи како засегната страна да се вклучиме со свои мислења и коментари, тоа не се случи.
Напротив, Владата од необјасниви причини одлучи на предложените измени да им стави Европско знаме, што никогаш претходно не било собраниска пракса, земајќи предвид дека измените предизвикуваат драматични финансиски импликации“, се вели во соопштението од АПИС.
Од Асоцијацијата потсетуваат дека како Групација инвестирале 124 милиони евра, имаат тековни инвестиции од дополнителни 30 милиони евра..
„Како општествено одговорни компании донираме во јавното здравство, спортот, културата и постојано учествуваме или сме покровители на хуманитарни акции. Целата економска дејност – игри на среќа годишно приходува 280 милиони евра во буџетот, што е зафаќање од 6 проценти од приходната страна на централниот Буџет предвиден за 2023 година“, додаваат од Асоцијацијата.






