Апасиев удира в чело: Ќе ги фрлиме на гнојарникот на историјата

По подолго време нова жестока колумна на професорот и член на раководството на партијата Левица, Димитар Апасиев.



Во колумната објавена на Антропол.мк Апасиев им се обраќа на Заев, на Пендаровски но и на нивни соработници за кои вади и интересни информации меѓу кои и за контраверзни докторати.

“Аномалијата на овој рамковен комуњарско-балистички квазисистем на невредности е токму во неговата алиенација од обичниот свет!

Оти ти, друже, како „прајминистер“, можеш да си вообразиш дека претставуваш некаков си принципиелен камен на општо препнување за ситните џепароши и кецароши, но притоа не гледаш дека, всушност, насекаде се спрепнуваш баш поради твојата сопствена невештина.

И тука, во оваа лавина од потпросечност, неукост и плиткоумност, никаква горска спасителна служба составена од од твоите 40 советници-ајдуци нема да ти помогне”, пишува во прилично емотивниот текст на Апасиев кој на премиерот му порачува дека: “ќе се дозакопа во живиот песок во кој почна да пропаѓаш, опкружувајќи се со разно-разни ружиновци, андоновци, спасовци и други слични властелински спонзоруши”.

Според Апасиев пројавената снисходливост, играњето кур-ташак со владеењето на правото и борбата со високата владина корупција, овојпат нема да биде така лесно проџвакано од „широките народни маси и столови“, па дури и од вашата фамозна „меџународна заедница“.

“Луѓето не се слепи бе, куриња! Мафијата која се инсталира во институциите со амин на „Западот“, само покажува дека натрапничките идеи на империјалните господари истовремено постанале и натрапнички идеи на нивните овдешни рекетарски измеќари. Впрочем, услужното слугување кое излегува од устите на божемната чиновничка елита на „Северномакедонците“ е збиберено со ен-џи-о-вските дајриња и шарените револуционери на фразата, создавајќи така еден смешен јаничарски оркестар од тривијалности и кокаински шмркуцкања.

Оваа петоколонашка клика, финансирана преку странските проектчиња и грантови за „добро владеење“ и „меѓуетнички соживот“, која се вообразува дека партиципира во светскоисторискиот тек на нештата, изобилува со мноштво (про)европски пароли и какафонски џиџимиџарници. А всушност, не забележува, дека – во меѓувреме – таа има мутирано во тажна бирократија на „граџански“ чичковци и тетки кои, на секоја издржана и трезвена критика, реагираат како налутена и пречувствителна стара мома/ерген!?

Причините за нашето општествено назадување на секое поле е тоа што овие дами и господа, репрезенти на филантропската црвена буржоазија, не забележуваат дека она што едно време се сметаше за умесно, сега се смета за грешка! Оваа соросписка распекмезена дружина, во своето опасно за здравјето духопотресно дејствување врз народот, се појавува само како шупливо јаболко на раздорот. Трагедијата е во тоа што – да беа празни, ќе ги наполневме! Вака, како шупливи, мораме само да ги фрлиме на гнојарникот на Историјата и во никој случај да не дозволиме да се беспокоиме за нивното категорично семинарско кокодакање”, вели Апасиев.

Целата колумна на Антропол.мк тука