Собраниската Одлука за распишување на референдумот за планираната и наметната промена на уставното име на Република Македонија не е во склад со конституционалниот концепт на народен, т.е. граѓански суверенитет и дозволува неприфатливо мешање во иманентно внатрешните работи на Републиката, оти во јавното право нема повнатрешно прашање од прашањето за уставот на една суверена држава, пишува професор Димитар Апасиев во неговиот блог, кој е дел од стручниот летен серијал посветен на неотстранливите правни пречки со кои се соочува меѓународно октроираниот т.н. Преспански договор, објавен на порталот „ResPublica“.



Апасиев вели дека „во референдумското прашање веќе се крие посакуваниот одговор или барем подобниот начин како треба, т.е. како е „правилно“ да се одговори, и тоа исклучиво во пакет, односно „во тројка“!? Па така, доколку сте ЗА едно од трите понудени прашања, автоматски сте принудени да бидете ЗА и за останатите две, и покрај фактот што можеби тоа не е вашата вистинска волја. И обратно…“

Ваквите неразбирливо поставени, извртени и сугерирачки прашања се забранети во нашето процесно право, а (…) дополнително, ваквите прашања се прохибирани и во чл. I, ст. 3, ал. 1, т. 3 и во чл. III, ст. 2 од Кодексот за добри референдумски практики (Code of Good Practice on Referendums – I, 3, 1, c & III, 2) на угледната Венецијанска комисија.

Во референдумското прашање, пишува Апасиев, погрешно и злонамерно се тргнува од неточната претпоставка дека народот признал нешто што не признал! Впрочем, тоа е многу слично како она прашање кое им го предаваме на студентите по право, кога ги учиме елементарни техники на вкрстено испрашување (cross-examination), а кое го поставил еден сведок до некој арогантен германски судија: „Дали Вие, господине судија, престанавте да ја тепате Вашата сопруга“? [како, божем, судијата претходно да признал дека си ја тепа жената]. Така и овде, на граѓаните им се импутира дека тие го признаваат постоењето на т.н. Преспански договор, иако тој de iure не постои, туку е само правна фикција (fictio iuris).

Додатно, прашањето е неточно и тенденциозно, бидејќи воопшто не постои одлука за членство или, пак, покана за наше скорешно полноправно пристапување во ЕУ, туку тоа е иден, крајно неизвесен, степенест и ултимативно условен факт (condictiones turpes) кој се одвива фаза по фаза, а за кој не се знае со сигурност и надвор од разумно сомневање дали и, евентуално, кога точно временски би се случил.

Според Апасиев, „ваквото аматерско и необмислено референдумско прашање спаѓа во озлогласената и недозволена група на т.н. прашања стапица (captio quaestio), токму поради ноторниот факт дека е невозможно да се одговори едноставно со ДА или со НЕ, односно само со ЗА или ПРОТИВ.

Впрочем, при една доследна дедуктивна анализа, т.е. логичка операција на расчленување на сите можни комбинаторики при одговарањето, се доаѓа до несоборлива конклузија дека во случајов се можни дури осум различни одговори, а не само два – колку што дозволува чл. 15, ст. 4 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните.