Aпасиев го навредувал новинарот Златев – Лидерот на Левица доби воспитна од АВМУ, реагираа и од ЗНМ

Во врска со недоличните зборови на пратеникот Димитар Апасиев упатени кон новинарот Љупчо Златев на социјалната мрежа Фејсбук, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) потенцира дека носителите на јавни функции треба да покажат највисоко ниво на почитување на новинарската професија и на достоинството на медиумските работници.



Сите, а особено политичарите и носителите на јавни функции треба да се воздржат од омаловажување, навредување и непримерна комуникација и јавните дебати треба да ги водат со аргументи, меѓусебно почитување и на јазик којшто ги промовира демократските вредности“, се вели во соопштението.

Инаку, пратеникот и лидер на Левица, Димитар Апасиев, вчера напиша статус на Фејсбук во кој искористи погрдни и навредливи зборови кон новинарот Љупчо Златев.

Реагираа и од Здружението на новинари на Македонија.

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), ја осудува агресивната јавна комуникација на актуелниот пратеник и лидер на политичката партија „Левица“,  Димитар Апасиев кон новинарот Љупчо Златев стои во соопштението.

„ На својата Фејсбук страница пратеникот Апасиев со јавна објава тенденциозно го етикетира и омаловажува колегата Златев преку вулгарни навреди кон него и со груби политички квалификации за медиумот „Лидер.мк“. Освен ова, авторот на објавата дозволува навредите и омаловажувањата од други корисници да продолжат како посебни коментари од страна на трети лица, очигледно симпатизери на оваа политичка партија. 

Преку ваквата непримерна комуникација, освен обидот за јавна дискриминација на новинарот Златев и медиумот во кој тој работи, пратеникот Апасиев јавно провоцира и други лица да споделуваат погрдни зборови но и закани  упатени кон колегите и овој медиум. Фактот што овие закани како и говорот со елементи на омраза остануваат како одговор на објава на пратеникот Апасиев, истите можат да поттикнат дополнителна омраза но и насилство кон новинарите.  

Пратеникот Апасиев има репутација јавно да се пресметува со новинари и медиуми за кои не му се допаѓа како известуваат а исто така на неколку наврати има поднесувани тужби кон новинари за процеси кои потоа ги има загубено или се има повлечено. 

Потсетуваме дека според Кривичниот закон тој што во јавноста промовира или поттикнува омраза, дискриминација или насилство, против кое било лице или група е кривично дело и ќе се казни со затвор од една до десет години. За поведението на пратеникот Апасиев, ЗНМ ќе ја извести и Европската федерација на новинари“ велат од ЗНМ.