Американска амбасадорка во земја од Западниот Балкан со директно јавно предупредување до властите на државата каде го претставува официјален Вашингтон да запрат со корупција.
Земјата е членка на НАТО и аспирант за влез во ЕУ каде чека почеток на преговори.
Амбасадорката е дипломат од кариера и ги следи насоките на американскиот Стејт Департмент и извршниот документ на претседателот Бајден кој најави жестоки санкции за сите што и со корупција ја нарушуваат стабилноста на регионот.
Земјата каде амбасадорката на САД го упати јавно својот апел криминалците во власта да запрат со корупција е високо на листата на држави и територии каде според Транспаренси Интернешенел корупцијата е системски проблем.
Од 180 анализирани земји земјата се наоѓа на 104 место според индексот на корупција.
Премиерот на земјата и неговата влада важи за идеолошки и стратешки близок на администрацијата на Бајден.
Но земјата не е Македонија.
“Ако сте зафатени со корупција – колку и да мислите дека сте моќни – сега е време да го разгледате влијанието што ќе го имаат вашите активности врз вашето семејство и земја. Сега е време да се разгледа дали вреди да се оди во затвор. Сега е време да се запре. Никој не е над законот”, порачува јавно и прецизно американската амбасадорка Јури Ким која ја претставува Америка во Тирана, Албанија.

Фото: амбасада на САД во Тирана
Во Македонија на истата тема нема слична јавна порака.
Во Македонија каде корупцијата можете да ја ринете со лопата на секоја улица, поголема јавна набавка или друг јавен проект, американската амбасадорка, дипломат од кариера, не бара јавно властите да прекинат со корупцијата како што тоа се случува во Тирана.
А Македонија е дури 7 места полошо рангирана од Албанија според индексот на корупција на ТИ. За само 5 години Македонија од 64 дојде на 111 место на листата на најкорумпираните држави во светот.
Македонија е членка на НАТО и чека влез во ЕУ, исто како Албанија.
Но “нашата” амбасадорка Брнз за разлика од нејзината колешка во Албанија не апелира јавно да се запре со корупцијата.

Фото: Влада на РМ
И логично е да се запрашаме зошто овде амбасадорката молчи на истата тема на која Македонија има полоша ситуација од Албанија.
Не верувам дека амбасадорката Брнз има поголема толеранција од амбасадорката Ким за корупцијата и криминалот кој оди со неа.
Не верувам дека дипломатските насоки на Вашингтон сугерираат во Албанија да се зборува на ваков директен начин за корупцијата а во Македонија да се делува различно за темата која го разјадува системот и за која и претседателот Бајден потпиша извршна наредба пред околу еден месец.
Што е тоа што актуелните македонски власти ги заштитува од директни дипломатски пораки како таа на амбасадорката Ким во Албанија?
Што е тоа што и покрај полошиот индекс на корупција во Македонија ја спречува амбасадорката Брнз да крикне и да им порача на македонските власти да запрат со корупција и криминал?
За молчењето понекогаш се вели дека е злато но понекогаш може да биде протолкувано и како тивко одобрување.
Што од овие две работи е причината за различниот однос на американските амбасадорки во Скопје и Тирана кон корупцијата во Македонија и Албанија треба да објасни американската амбасада.
Ние можеме само да погодуваме дали се работи за поинаков пристап и методологија, повнимателен начин на комуникација со јавноста или пак за привремена заштита на корумпираните за да завршат некои други потешки геостратешки работи пред да бидат санкционирани.
Одговорот на овие дилеми го знаат само амбасадорката Брнз и нејзините претпоставени но добро би било да го знае и целата македонска јавност.






