„Не, бидејки возилото е во сопственост на друго лице. По овие важечки закони, толку.
Ова е ставот на Државната комисија за спречување на корупција која соопшти дека не може да отвори постапка за скриен имот на Артан Груби, откако автомобилот кој беше опожарен утрото на 22 јули се покажа дека не е во сопственост на првиот вицепремиер, туку на име на лице со иницијали Б.Л.
„Уште еднаш укажувам дека е неопходно донесувањето на Закон за потекло на имот, што ќе важи за сите граѓани и ќе наметне обврска да го пријават имотот но и изворот на средствата со кои го купиле тој имот“, се огласи денеска претседателката на ДКСК, Биљана Ивановска, а пренесе „Фактор“.
Од Обвинителството пак одговориле дека надлежен орган за следење на имотот на функционерите е ДКСК.
Б.Л. (35) е сопственикот на аудито кое во саботата било опожарено во скопската населба Чаир. Така соопшти МВР. Тој бил сосед на вицепремиерот Артан Груби кој веќе неколку години го користел патничкото возило на неговиот сосед. Тоа Груби го призна и на неговиот официјален фејсбук профил. Случајно или не, Б.Л. е еден од сопствениците на „Еуро ком лигхтинг“, фирмата која го купи хотелот на „Гранит“ на Попова Шапка, непосредно пред оваа градежна компанија да го добие тендерот за автопатската траса кон Блаце, пишува „Фокус“.







