Антикорупциска: Прашање од милион долари е како да се докаже тргување со влијание за случајот „Соравија“

Антикорупциска се уште нема отворено предмет за Дрин Ахмети, внукот на лидерот на ДУИ, за да испита на каков начин неговите фирми добиле државни концесии за рудник и за изградба на хидроцентрала.



Софка Пејовска Дојчиновска од антикорупциска за ТВ24 денеска вели дека иако пред два дена, во емисијата Анализа, најави, поради годишните одмори и малиот број луѓе во комисјата, тоа ќе се разгледува од понеделник.

„Во моментов колегите се на одмор, а јас речиси да сум сама во комисијата. Такви одлуки за отворање на предмети мораат да поминат на колегиум, а тоа може од понеделник. Прво треба да прибереме информации, да видиме дали има основи за водење постапка. Да се види дали е законски водена, дали имало приговори. Ако се е законски во постапката, прашање од милион долари е како да се докаже евентуалното тргување со влијанија.“

Освен на концесиите, пред неколку дена 24-годишниот Дрин Ахмети стана сопственик и на 39 проценти од скопскиот деловен центар Соравиа, проценет на 20 милиони евра. Опозициската ВМРО ДПМНЕ денеска во Собрание го праша премиерот дали институциите ќе испитаат како 24-годишниот внук на Ахмети, се стекнал со толкаво богатство, само затоа што имал претприемачки дух и имал визија за иднината. Ковачевски со одговор – институциите да почнат да истражуваат.

Дрин Ахмети е син на братот на лидерот на ДУИ, кој од фотографии може да се забележи дека е во друштво на обвинителот за организиран криминал Ислам Абази. Од јавното обвинителство на Јовески пак, пред два дена ги повикаа сите надлежни институции да проверат дали има нешто сомнително со бизнисите на внукот на Али Ахмети.