Државната комисија за спречување на корупцијата иако го побара, сепак од Владата не го доби Договорот за изградба на коридорите 8 и 10 д со стратешкиот партнер „Бехтел и Енка“, но очекува тоа да се случи во законски утврдениот рок, изјави претседателка на Антикорупциската комисија во гостувањето на Слободна ТВ.



„И ние имаме сертификати за доверливост, односно за државна тајна така што нема ников проблем да ни го достават. Не можат 400 страници да бидат тајни работи и оној финансискиот дел, тој треба да биде транспарентен. Можеби има делови за кои „Бехтел“ не сака да дознаат конкурентите. Ние го побаравме целиот договор и очекуваме владата да ни го достави, рече Билјана Ивановска, претседателка на Антикорупциската комисија во гостувањето во емисијата „Утрински печат“ на Слободна ТВ.

Ивановска за договорот со конзорциумот „Бехтел и Енка“, нагласи дека станува збор за нетранспарентност и обратност во целиот процес.

„Клучна е нетранспарентноста и правење на работите од наопаку. Старите велат „прво рипни па кажи оп“. Ако треба да се донесат тие закони прво треба тоа да се обезбеди.

Не може да се потпише договор, а после ние ќе ги донесеме законите. Кај го има тоа? Тоа е наопаку спроведување на работите.

Втора работа е недоволно запознавање на јавноста и нетранспарентност. Не може договорот да не се презентира пред јавноста кога се работи за пари на граѓаните.  Да го прочитаме договорот, да го видиме, да го проаназираме па ќе видиме што потоа.

И во договорот може да има основи за криминално однесување понатаму“, изјави Ивановска..

Таа очекува жестока дебата за договорот за коридорите во Собранието, зошто нагласува таа, „пратениците имаат одговорност, пред граѓаните и пред себе да расудуваат правилно и тоа им е алатка која им стои во рацете“.