Вкупно 11 илјади евра за три месеци државата ѝ исплатила помош за плати на фирмата Вебспот ДОО, во која еден од тројцата сопственици е довчерашната министерка за финансии во владата на СДСМ Нина Ангелевска, покажуваат податоците од алатката за транспарентност „Отворени финансии“.
Според податоците од Централниот регистар, Ангеловска во оваа компанија фигурира како еден од тројцата сопственици и основачи на платформата за он лајн трговија – групер.мк со учество во основачкиот влог од 2.600 евра.
Од Антикорупциска комисија за Радио Слободна Европа велат дека е отворен предмет во кој се истражуваат начините односно критериумите според кои се доделувала економската помош за исплата на плати на фирмите.
Критериумите ќе покажат дали е оправдано доделувањето на помошта, односно дали компанијата за онлајн трговија имала реална потреба од таква помош, или ги добила поради други неосновани причини, објаснуваат од Антикорупциска за РСЕ.
Ова е втор случај висок функционер за кој Антикорупциската отвора постапка за делот на доделување помош од првиот сет економски мерки. Во истиот предмет се истражува и за компанијата на во која поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев е дел од сопственичката структура „Брако“ која, исто така, користеше дел од овие мерки.





