Кривичниот суд во Скопје ќе мора да преземе соодветни чекори во правец на отфрлање на обвинението за случајот Топлик каде се судат повеќе обвинети за наводна создадена штета врз државниот буџет.
Ова сценарио е неминовно ако судот не суди под политички притисок откако Државната комисија за спречување на корупција ја информира Адвокатска канцеларија Сања Алексиќ дека вештакот на обвинителството кој е владин директор на Државниот катастар имал конфликт на интереси и го прекршил законот со своето вештачење.
Во своето вештачење за Топлик директорот на Катастар тврди дека обвинетите сториле штета и практично се обидува да ја докаже нивната вина иако обвинителството не може да докаже дека државата претрпела штета.
Во случајот „Топлик“ осомничени се шест лица, меѓу кои и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески за продажбата на градежна парцела за изградба на населбата Сончев град во скопско Сопиште.
За случајот „Топлик“ кој беше еден од случаите на СЈО снимките од прислушуваните разговори се прифатени како докази.
На мислењето на ДКСК во случајот Топлик предходеше друг скандал во кој беше откриено дека еден од сведоците бил под закани од најблискиот соработник на премиерот Заев, Драги Рашковски (сега во притвор) , кој вршел притисок врз вработена во Транспорт и врски.
Целото мислење на Антикорупциската комисија со кое се урива правната суштина на предметот Топлик.
Предмет: Мислење
До Државната комисија за спречување на корупцијата имате поднесено барање за мислење, во однос на тоа дали постои состојба на судир на интереси во случај кога избрано или именувано лице, односно директор на Агенција за катастар на недвижности со судска наредба е определено да биде вешто лице (вештак) во судска постапка која се води пред надлежен суд или состојбата на судир на интереси во случајов ќе настапи доколку Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности ќе постапи по наредба на судот, односно ќе изврши вештачење без да го информира судот дека истиот согласно законските прописи не може да врши дејност вештак од областа на геодетски работи додека ја извршува функцијата Директор на Агенцијата за катастар на недвижности.
По однос на предметното барање, Државната комисија за спречување на корупцијата согласно член 72 став 3 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси (,,Службен весник на Република Македонија,“ бр. 12/2019 од 19 јануари 2019 година), го издава следново:
М И С Л Е Њ Е
Државната комисија Ве известува дека во конкретниот случај доколку службеното лице – директор на Агенција за катастар на недвижности прифати да биде вешто лице (вештак) во судска постапка која се води пред надлежен суд, за што според член 29 став (1) од Законот за вештачење („Службен весник на РМ“ бр. 15/10, 12/14, 43/14, 148/15 и 64/18) е предвидена награда за извршеното вештачење, ќе постапи спротивно на член 44 став 6 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интересите каде е утврдено дека:
Член 44
(6) Службено лице може да остварува приходи од научни, наставни, културни, уметнички и спортски активности и приходи од авторски, патентни и слични права, интелектуална и индустриска сопственост, освен ако со закон не е поинаку определено.
Од горе наведеното и цитираната законска одредба, произлегува дека наградата, односно приходите остварени од вештачење како вешто лице (вештак), не спаѓаат во приходи кои службеното лице, во случајот директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, може да ги остварува.
Исто така, Државната комисија посочува дека согласно член 72 став (1) и (2) од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, секое службено лице, во своето работење е должно да внимава на потенцијален судир на интереси и да презема мерки за негово одбегнување, а во случај на сомневање за постоење судир на интереси, службеното лице е должно да ги преземе сите неопходни мерки за да го спречи влијанието на неговиот приватен интерес или приватниот интерес на друго лице врз извршувањето на неговите овластувања и должности.
При тоа треба да се имаат предвид и одредбите од Законот за катастар на недвижности („Службен весник на РМ“ бр. 55/13, 41/14, 115/14, 116/15, 153/15, 192/15, 61/16, 172/16, 64/18 и 124/19) што го регулираат судирот на интереси, имено член 25 според кој вработениот во Агенцијата за катастар на недвижности не смее да врши никаква друга функција, должност или дејност поврзана со остварување на профит која е во судир со извршувањето на неговите работни обврски, ниту да се регистрира како трговец поединец овластен геодет, ниту да врши дејност како сопственик или партнер во трговско друштво за геодетски работи. Исто така вработениот во Агенцијата не смее да врши работи од надлежност на трговците поединци овластени геодети и трговските друштва за геодетски работи.
Оттука, во однос на Вашето барање на мислење, Државната комисија смета дека директорот на Агенцијата за катастар на недвижности во целост треба да постапува согласно наведените одредби за судир на интереси.
Во однос на прашањето дали согласно одредбата од член 45 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, директорот на Агенцијата за катастар на недвижности може за време на вршењето на функцијата да обавува дејност вештак од областа на геодетските работи, Ве известуваме дека членот 45 се однесува на Ограничувања за вршење на дејност за време на вршење на функцијата. Имено, став (1) определува дека „Лице кое стапува на функција на избрано или именувано лице, со исклучок на лицата кои стапуваат на функција која не се извршува професионално, доколку управува со трговско друштво или установа како сопственик, e должно пред да стапи на функцијата управувањето да му го довери на друго лице или тело, освен на членови на неговото семејство, за времето на вршењето на функцијата, јавните овластувања или должности“. Согласно наведеното, забраната од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси се однесува на управувачки права во трговски друштва или установи.
Во однос на Вашето барање мислење „по однос на споменатото или некое друго законско ограничување кое се однесува на избраните и именувани лица“, Ве известуваме дека вака поставеното барање е премногу широко поставено, но за конкретниот случај Ви посочуваме дека во Законот за вештаци не се уредени конкретни одредби за спречување на судир на интереси, освен во делот што се однесува на Комората на вештаци, член 31, став (6):
Со Кодексот на етика на вештаците (во натамошниот текст: Кодексот) се уредуваат правата и обврските на вештаците, правата и обврските за континуирана обука, професионално однесување и одговорност, конфликт на интереси, професионалниот однос кон нарачателот на вештачењето и други прашања од интерес на вештаците,
и во член 40 став (3) алинјеа 1:
Дисциплинската мерка одземање на лиценцата за вештачење се изрекува, ако:
– нестручно или несовесно го врши вештачењето во спротивност со правилата на науката и струката, етичките норми и конфликт на интереси,
Со почит,
ДРЖАВНА КОМИСИЈА
ЗА СПРЕЧУВАЊЕ НА КОРУПЦИЈАТА
Претседател,
Билјана Ивановска
По заклучок на ДКСК,
Изработил: Бесник Џемаиљи – Советник
Одобрил: М-р Владимир Георгиев, член на ДКСК






