Андреј Слабаков, пратеник во Европскиот парламент од бугарската вонпарламентарна партија ВМРО-БНД, се нареди во долгиот ред на критизери на Македонија од Бугарија.
„Во Западен Балкан имаме многу големи проблеми и тие се претежно политички, најмногу поврзани со Северна Македонија, каде антибугаризмот е официјална државна политика, како и со Србија. Овие две држави секогаш вадат на показ ужасни нешта – како Бугарија е фашистичка земја. Последно што слушнав од Србија е дека не можеле да признаат бугарско малцинство поради тоа што ние не признаваме српско. Во Бугарија нема српско малцинство. Ако ги видите отцепените територии од Бугарија кои ѝ беа дадени на Србија, ќе сфатите дека многу километри во внатрешноста на земјата населението е бугарско. Истото важи и за Република Северна Македонија, каде што, според моите сеќавања, има Македонци од 1946 година. Тоа се земји кои го користат антибугаризмот за свои политички интереси“, изјави актерот, филмски режисер и сценарист на панелот „Слободата на медиумите и плурализмот од Западен Балкан“ во Националниот дворец на културата во Софија.
И сопартијката на ревносниот негатор на македонскиот народ Ангел Џамбаски, новинарката и членка на Извршниот комитет на ВМРО-БНД, Марија Цветкова, ѝ се нафрли на Македонија.
„Владата на Северна Македонија ја турка линијата на поделба со Бугарија преку медиумите. Уште повеќе, влева омраза насочена кон граѓаните на Северна Македонија кои се идентификуваат како Бугари. Во Република Северна Македонија, за жал, се спроведува жестока антибугарска пропаганда токму преку медиумите. Ова не е случајност, не е исклучок, тоа е секојдневие“, рече таа.






