Анкета: Осумдесет проценти од Албанците во Албанија би гласале за обединување со Косово на референдум

„Анкетата во врска со мислењата на граѓаните на Албанија ‘Барометар’ околу односите Косово – Албанија откри дека само 16 проценти на Албанците се против обединувањето на Албанија и Косово. Четворица од петмина Албанци од Албанија (79,2 отсто) би гласале за обединувањето на Албанија и Косово во единствена држава, ако би биле повикани на референдум за ова прашање.“ – објави косовскиот весник на албански јазик „Бота сот“.

Весникот ги пренесува резултатите од оваа сондажа на јавното мислење во Албанија: „Огромното мнозинство (повеќе од 90 проценти) мислат дека граѓаните во Албанија и Косово претставуваат една иста нација. Сепак, помалку од половина од анкетираните Албанци мислат дека обединувањето на двете држави би можело да се случи во следните десет години. Во случај да се изврши тоа обединување, 70 отсто од Албанците мислат дека главниот град на таа обединета држава треба да биде Тирана.“

„Наодите на овој ‘Барометар’ произлегоа од сондажата на јавното мислење спроведена на 20-29.10.2021 година од Истражувачкиот институт ‘Дата Центрум“ на национално рамниште со илјада граѓани интервјуирани лице в лице во семејствата.“



Инаку, деновиве премиерот на Косово Албин Курти во интервју за онлајн магазинот „Монокл“ изјави дека во иднина ќе гласа за обединување со Албанија, но само ако таквиот референдум се спроведе на мирен и демократски начин. „Косово и Албанија се две земји, но ние имаме ист јазик и ние сме еден народ.“ – имаше кажано Курти.