Ќе ја запамти Македонија: Каракачанов не може да влезе во парламентот

Доколку изборите се одржуваа денес партијата на радикалниот лидер на бугарското ВМРО-БНД Красимир Каракачанов кој е стожер на ветото за Македонија во ЕУ, без коалиција со други помали партии не може да влезе во новиот состав на бугарското Собрание.



Според последната анкета само четири партии сигурно ќе влезат во парламентот.

Ова го покажуваат податоците на агенцијата Сова Харис од истражувањето нарачано од весникот Труд, спроведено од 26 до 31 јануари 2021 година меѓу 1000 возрасни бугарски граѓани со методот „лице в лице“.

Според истражувањето, прва бугарска политичка сила е ГЕРБ на Бојко Борисов со 17,2%, следена од БСП со 15,8% и „Има таков народ“ од Слави Трифонов со 9,8%.

На четвртото место е Движењето за права и слободи на бугарските Турци со 5,9%.

Од помалите партии кои не го минуваат прагот од 5 % се Стани Бугаријо со 3% од гласовите, ВМРО-БНД на Каракачанов – 2,8% и „Да, Бугарија“ – 2%, покажува и истражувањето.

22,4% од гласачите се уште не одлучиле за кого да гласаат а 14% велат дека воопшто нема да гласаат.

Податоците од истражувањето покажуваат дека тие што се целосно сигурни дека ќе гласаат, се намалени на 40% од гласачите. Ова значи дека во моментот има околу 2,2 милиони луѓе кои решиле да излезат на гласање. Други 25% (околу 1,375 милиони луѓе) велат се двоумат.

Околу една четвртина од гласачите стравуваат дека гласањето претставува потенцијална опасност за нив и може да се заразат со Ковид-19, иако веројатноста да се заразат за време на изборите се споредува со онаа при купување или користење јавен превоз. На сегашното ниво на инфекција, експертите на агенцијата можат да претпостават дека епидемијата нема да има директно влијание врз излезноста.

Агенцијата разгледува и што друго би можело да влијае на желбата за гласање.

Според експертите, позначајна улога ќе играат и други фактори од суштинска природа. На пример, фактот дека според многу луѓе (44% од гласачите) изборите нема да донесат стабилна влада што ќе ја води Бугарија низ кризата – и епидемиски и економски.

Речиси 25% од гласачите кои гласале на претходните парламентарни избори имаат проблем не толку со кого да гласаат на 4 април, туку со тоа дали воопшто да гласаат. Овој удел претставува околу 40% од активните гласачи.

Ова ја прави ситуацијата околу претстојните избори неизвесна и тешко може да се предвиди резултатот. Двоумењето меѓу толку голема група луѓе и неизвесноста за крајниот резултат ќе ја направат изборната кампања крајно интересна.

Оваа студија уште еднаш регистрира дека надежите на бугарската јавност за просперитет и подобар живот се поврзани со Европската унија. Нивото на доверба во ЕУ (56%) значително го надминува нивото на бугарските институции. Од домашните организации на овој индикатор, Претседателот традиционално е на прво место со 42% доверба. По него се Министерството за внатрешни работи (37%) и Министерството за одбрана (36,8%).

Довербата на граѓаните во владата е на стандардно ниво од 25,6%. Во Обвинителството има мало зголемување во споредба со претходните индикатори (18,7%). На дното на овој вид рангирање се Судот (14,7%) и Парламентот во заминување (13,7%), јавуваат бугарските медиуми.