Мнозинството македонски граѓани не ги поддржуваат санкциите кои Европа ги воведува против Русија и се противат на воената помош која земјава и ја испраќа на Украина, покажува најновото истражување на јавното мислење кое за потребите на Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје.
Според анкетата, 52,5% од граѓаните се противат на санкциите наспроти 32,2% кои даваат поддршка.

Гледано по етничка структура, Македонците и Албанците имаат дијаметрално спротивставени ставови. 58,5% Македонци се против санкциите, наспроти 58,6% етнички Албанци кои даваат поддршка.
62,1% од анкетираните се против тоа Македонија со воена опрема да ја помага Украина наспроти нешто помалку од една четвртина кои даваат поддршка.

Третина од граѓаните или 33,2% сметаат дека „некој друг“ е виновен за војната во Украина. 22,1% вината ја гледаат во Русија, 5,9% во Украина а 15,5% на двете страни. И тука пресекот по етничка структура дава спротивставени ставови на етничките Албанци и Македонците.
За близу 57% Албанци виновник за војната е Русија додека само 10,9% од Македонците вината ја наоѓаат кај официјална Москва. Етничките Македонци во огромно мнозинство, 40,8% сметаат дека „некој друг“ е виновен за војната.
Очекувано, 47% од Албанците ја поддржуваат Украина а само 4,5% Русија.
Македонците, 27% поддршка даваат за Русија, 18% за Украина а најголемиот дел, 42,7% не поддржуваат ниту една страна.
Над половина од граѓаните не ги поддржуваат санкциите на европските земји кон Русија додека поддршка даваат помалку од една третина.
И тука етничката анализа на резултатите покажува дека 58,5% Македонци се против санкциите наспроти 58,6% Албанци кои даваат поддршка.
45,6% од граѓаните сметаат дека Европа има најголема штета од санкциите кои и ги воведува на Русија. 38,6% сметаат дека штета трпат и Европа и Русија додека само 9,6% мислат дека најголема штета трпи Русија.
Близу 18% од анкетираните сметаат дека Русија победува во досегашниот тек на војната. 14,1% се определиле за Украина додека мнозинството или 46,2% сметаат дека ниту една страна не е во предност во досегашниот тек на војната.
Најголемиот дел од граѓаните, 28% сметаат дека Војната ќе продолжи уште неколку години, 24,1% очекуваат крај со крајот на 2023 година додека 9,6% се оптимисти и мислат дека крајот на војната ќе биде на крајот од оваа зима.
Истражувањето на јавното мислење за потребите на емисијата Детектор го направи Институтот за политички истражувања – Скопје (ИПИС) на репрезентативен примерок од 1.119 испитаници преку телефонска анкета реализирана во периодот од 23 до 26 декември.





