Анимозитет на релација Пендаровски – Влада, причината се претседателските амбиции на Спасовски

Односите и комуникацијата се во рамки на законските ингеренции но веќе неколку недели има заладена атмосфера во односите меѓу претседателот на државата Стево Пендаровски и владата, тврди за expres.mk упатен извор кој има детални информации за тоа што се случува меѓу Илинденска и Вила Водно.



Причината, според изворот, е во промената на однесувањето на шефот на државата Пендровски кој во комуникацијата со владини контакти не криел дека е погоден што Оливер Спасовски се гледа како на сериозна опција за кандидат на СДСМ на следните избори за претседател на републиката.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски веќе не крие и речиси јавно работи на обезбедување на поддршка за заеднички кандидат на СДСМ, ДУИ и Алијанса за Албанците за претседател.

Според владини извори проблем е суетата на Пендровски кој сметал дека му е загарантирана втората кандидатура за претседател а анкетите покажувале дека тој речиси нема шанси да победи на следните претседателски избори.

Извори блиски на кабинетот на Пендаровски признаваат дека има проблем во релациите со владата но сметаат дека тоа е дел од нормална политичка комуникација и подготовка за реалната дискусија што ќе се случува наскоро.

Тие не веруваат во анкетата на МаркеВижн според која Пендаровски има само 0,3 поддршка од граѓаните но сметаат дека е логично претседателот да оди на втор мандат без разлика какви се мерењата на јавноста затоа што во спротивно до јавноста ќе се испрати сигнал дека со неговиот прв избор погрешиле и СДСМ и ДУИ.

Извори кои порано беа блиски и со владата и со Пендаровски и кои гледаат дека се случува скриен судир велат дека СДСМ на крајот ќе мора да ја избере најдобрата опција која ќе се види од анкетите што се закажани за наредниве месеци.

И тие признаваат дека без разлика дали СДСМ и ДУИ ќе се решат да одат прво на посебни претседателски избори а дури потоа на парламентарни, владината коалиција од каде произлегува и Пендаровски треба да се согласи на најдобрата опција која засега може да се надева само пристоен пораз.

Двајца македонски претседатели од вкупно 5 ме оделе на втор мандат, едниот Борис Трајковски кој почина за време на првиот мандат и Бранко Црвенковски кој во 2009 година воопшто не отиде на втора кандидатура по што новиот кандидат Љубомир Фрчкоски беше прегазен на изборите од Ѓорге Иванов.

Повеќе аналитичари се согласуваат дека и сега ако ВМРО-ДПМНЕ избере добар кандидат ќе биде прегазен било кој од кандидатите на СДСМ и ДУИ.