Фудбалската репрезентација на Англија би можела да ја пречека Македонија во јуни на „Олд трафорд“ во Манчестер во квалификациите за Европското првенство 2024 ако се потврди информацијата од Скај спортс дека Гарет Саутгејт размислува за оставка по поразот од Франција со 2:1 во четвртфиналето на мундијалот во Катар.
„Саутгејт не успеа да донесе трофеј и тоа би можело да биде пресудно во неговата одлука. Тој има договор со Фудбалската асоцијација до 2024 година, односно до крајот на наредното ЕП што ќе се одржи во Германија. Својата конечна одлука тој ќе ја соопшти во наредните неколку дена“, најави телевизискиот канал.
За време на селекторувањето на 52-годишниот ексрепрезентативец на Англија од 2016 година наваму, неговите избраници лани играа финале на ЕП во кое загубија на пенали од Италија, во 2019 година завршија трети во Лигата на нациите, а на СП 2018 во Русија беа запрени во полуфиналето од Хрватска во продолженијата.
Мечот во Манчестер на 19 јуни 2023 година ќе се одигра во рамките на четвртото коло од групата Ц, во која се уште и Италија, Украина и Малта, а реваншот во последниот круг е закажан за 20 ноември 2023 на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.
Македонија и Англија досега четири пати ги одмерија силите, при што две средби завршија нерешено, втората токму на „Олд трафорд“ на 7 октомври 2006 година во квалификациите за ЕП, кога немаше голови. Еден месец претходно во Скопје славеа Англичаните со 1:0.
Во квалификациите за ЕП 2004, пак, на 6 септември 2003 година во Скопје победи некогашниот светски шампион со 2:1, а еден месец подоцна во Саутемптон беше 2:2.






