Анѓушев: ВМРО-ДПМНЕ да се извини или се гледаме на суд

Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, им даде рок од 24 часа на ВМРО-ДПМНЕ да му се извинат за, како што вели, бескруполозните лаги, или ќе ги даде на суд.
„Изминатиов период сум предмет на интересирање на опозицијата. Се посочуваат обвинувања, од тоа дека имам финансиска корист од преговорите околу разликата со името со Грција, до тоа дека сум влегол во политиката да ги вратам наводните долгови на компаниите што ги поседувам. Сите овие обвинувања може да се објаснат со два збора – бескрупулозни лаги“, вели Анѓушев во писменотот соопштение.



Тој истакнува дека одлучил да се обрати на ваков начин бидејќи нема намера секој ден да се занимава со луѓе кои, како што вели, немаат друга работа освен да држат прес-конференции каде повикуваат да се даде одговор на непостоечки обвинувања.

„На почеток на мандатот, во законски рок транспарентно го објавив имотниот лист и се гордеам со сè што сум направил во Република Македонија. Јас немам што да кријам, но, за жал, луѓе кои се навикнати да живеат од рекет и криминал и воедно немаат друг аргумент за тоа како некој друг може да биде чесен и успешен на поинаков начин од нивниот, се занимаваат со лаги и во нивните глави замислени шеми“, истакнува вицепремиерот.

Додава дека нема намера да влегува во политичката шема на ВМРО–ДПМНЕ кои, според него, изминатите 10 години покажале како не треба да се владее.

„Мојата работа изминатиот период покажува резултати, тие се видливи, а за сè друго ВМРО-ДПМНЕ и нивните претставници кои ги изнесуваат секојдневно лагите ќе мора јавно да се извинат во рок од 24 часа за изнесените невистини или истото да го докажуваат пред судските инстанции во земјава каде ќе поведам постапки за навреда и клевета“, додава Анѓушев.