Бизнисменот Кочо Анѓушев сака целосно да ја отстапи својата компанија за трговија со електрична енергија, РЕС. Сопственоста врз РЕЊУВАБАЛ ЕНЕРЏИ СУПЛАЈ ДОО Скопје ќе ја преземе бугарска фирма, односно КЕР ТОКИ ПАУЕР АД од Софија, која и сега е еден од партнерите во РЕС, покрај семејната компанија Централинвест на бизнисменот Анѓушев.
Но, тоа ќе се случи доколку „виза“ за оваа зделка стигне од Комисијата за заштита на конкуренцијата, каде пред неколку дена било доставено известување дека се планира КЕР ТОКИ да стекне контрола врз РЕС, а Комисијата тоа вчера го објави и на својата веб страница – пренесе Фактор.
КЗК прелиминарно смета дека ова може да потпадне под одредбите на Законот за заштита на конкуренцијата, но нејзината конечна одлука е резервирана.
„Согласно член 15 од Законот за заштита на конкуренцијата, на јануари 2024 година до Комисијата за заштита на конкуренцијата е доставено известување за концентрација со која КЕР ТОКИ ПАУЕР АД, со седиште и адреса во град Софија, ќе стекне контрола над РЕЊУВАБАЛ ЕНЕРЏИ СУПЛАЈ ДОО Скопје“, се вели во објавата на КЗК.

Оттаму наведуваат и какви дејности вршат учесниците во концентрацијата.
За КЕР ТОКИ ПАУЕР се нагласува дека нуди широк спектар на висококвалитетни услуги во областа на стекнување, продажба и дистрибуција на опрема што се користи при изградба и работа на фотонапонски централи, како и други апликации и капацитети базирани на електрична енергија произведена од сончева енергија, потоа стекнување, изградба, работење и управување со фотоволтаични или соларниелектрани, решенија поврзани со енергетската ефикасност, системска интеграција и развој на софтвер, развој и обезбедување на интернет услуги и информациски технологии, поддршка на компјутерски системи, консалтинг, посредничка дејност како и секоја друга комерцијална активност која не е забранета со законите на Република Бугарија и за која не е потребна претходна дозвола, односно лиценца, а во случај кога е потребна дозвола за некоја од горенаведените активности, таа ќе се спроведе по добивање.
„КЕР ТОКИ ПАУЕР АД нема претпријатија-ќерки, филијали или претставништва лоцирани во Северна Македонија, ниту пак остварило приход во 2022 година на пазарот на Република Северна Македонија“, се потенцира во известувањето кое го дава Комисијата за заштита на конкуренцијата.
За дејноста на Друштвото за трговија и снабдување на електрична енергија РЕЊУВАБАЛ ЕНЕРЏИ СУПЛАЈ ДОО Скопје, пак, од Комисијата навеле дека тоа е трговија со електрична енергија. Според подносителот на известувањето за целите на оценка на предметната концентрација, релевантниот пазар на производи може да се дефинира како пазар на снабдување и трговија со електрична енергија.
„Врз основа на прелиминарното испитување, Комисијата утврди дека предметната концентрација може да потпадне под одредбите на Законот за заштита на конкуренцијата. Сепак конечната одлука по ова прашање е резервирана. Комисијата ги повикува заинтересираните трети страни да достават забелешки и мислења за оваа концентрација до Комисијата. Забелешките и мислењата на заинтересираните трети страни треба да пристигнат до Комисијата во рок од 10 дена од денот на објавување на ова известување“, се вели во објавата од Комисијата.
Не е познато на каква можна концентрација мислат од Комисијата, но тоа ќе се знае кога ќе го кажат конечниот став.
Целата анализа на следниот линк:
https://www.faktor.mk/biznismenot-kocho-angjushev-ja-otstapuva-svojata-kompanija-za-trgovija-so-struja—bugarski-ker-toki-kje-stekne-celosna-kontrola-vrz-res





