Ангелов: Курти се меша во внатрешните работи на Македонија

„Влезот на Албин Курти како лидер на ‘Самоопределување’ на македонската политичка сцена, како четврта политичка партија во албанскиот опозициски блок е навистина загрижувачко бидејќи имаме директен влез на странска политичка партија во македонски избори“, предупредува лидерот на партијата „Достоинство, Стојанче Ангелов в о интервју за „Локално“.



„Се разбира тоа ќе биде изведено преку македонски државјанин, но тоа е директно вмешување во внатрешните работи на Македонија и може дополнително да ги влоши меѓуетничките односи“, оценува Ангелов за најавената соработка меѓу Европскиот сојуз за промени и партијата на косовскиот премиер.

Ангелов потсетува дека летово во Македонија беа премиерот и претседателката на Косово и притоа во Скопје и Тетово беа пречекани со илјадници албански знамиња, без употреба на македонското знаме, што е спротивно на закон.

„Таквите работи не треба да ги премолчуваме. На истите такви собири имаше знамиња или транспаренти со мапата на Голема Албанија, што е недозволиво и за што следи кривична одговорност, во најмала рака за разгорување на верска и етничка нетрпеливост“, вели лидерот на „Достоинство“.