Во неколку случаи е утврдено дека пожари се настанати поради искрење помеѓу жици на бандери или далекуводи.
Поради ова, ќе биде упатено барање до ЕВН за да ги проверат нивните системи за дистрибуција на електрична енергија, информира денеска на прес-конференција директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.
Тој напомена дека искрите паѓаат на земја, а доволно е само една од нив за да предизвика пожар, посочувајќи дека вчера во кумановскиот регион имало и сведоци кои виделе искрење на жиците, пренесе Сител.
„Во кумановскиот регион имаме сведоци кои што виделе искрење на жици. Пожарот во Бугословец е предизвикан од искрење на жици и имаме очевидец кој кога паднале искрите, веднаш се стрчал кон местото, но едноставно бил немоќен, затоа што пожарот се шири со многу голема брзина поради сувата вегетација и ветришта кои постојано дуват“, објасни директорот на ЦУК.






