Копретседателот од бугарска страна на Мешовитата комисија за историски и образовни прашања, Ангел Димитров, изрази песимизам за нејзината работа, жалејќи се на македонските членови.



„Не сум оптимист, посебно имајќи го предвид тоа што се случува во Скопје во последно време. Зборовите на премиерот Заев, кои предизвикаа одредена надеж дека ќе има нов поглед кон минатото, од можноста да се излезе од создадената непријатна состојба и за двете држави, наидоа на сериозни критики дури и од членовите на заедничката комисија. Тоа е сигнал дека нè очекува доста напрегната и не сосем резултантна работа. Тешко се работи со нашите колеги“, изјави Димитров за Бугарската национална телевизија (БНТ).

„Бугариската позиција е единствена, таа е политички монолитна. Прашањето е што ќе се случи таму со ова несогласување меѓу кажаното на политичко ниво и оваа игра на независност што нашите колеги се обидуваат да ја демонстрираат“, додаде историчарот.

„Доколку нема волја од страна на Република Северна Македонија да преземе чекори напред во политичката сфера, тоа ги осудува очекувањата и разговарите на многу далечна перспектива. Решавањето на проблемите зависи од политичарите, но и од историчарите. Не може колегите од Република Северна Македонија да чекаат нова ситуација во земјата, нова состојба, за да направат чекор кон нова, посамокритична интерпретација на минатото“, порача првиот бугарски амбасадор во Македонија по нејзиното осамостојување.

Следната седница на Комисијата е закажана за 3 и 4 декември и ќе се одржи онлајн.