Претседателот на новоформираната заедничка комисија меѓу Бугарија и Македонија за решавање на историски прашања вели дека Синодот на Бугарската правславна црква донел погрешна одлука кога откажа да присуствува на одбележувањето на 1.000 годишнината од формирањето на Охридската архиепископија.
Професор Ангел Димитров, инаку поранешен бугарски амбасадор во Македонија смета дека во Светиот синод „не ги читаат правилно работите што се случуваат не само во регионот, не само во односите меѓу Бугарија и Македонија, туку и меѓу црквите“.
„На крајот на краиштата, Охридската архиепископија е навистина бугарска. Навистина, може да се каже дека е бугарска. Таа ни припаѓа на некој начин и е врзувачки елемент и со сега постојната црква во Република Македонија и со нивната желба Бугарската црква да биде Црква-мајка“, вели Димитров.
Тој смета дека треба да се има и едно „посилно изразено национално чувство, бидејќи традициите на Бугарската Црква од времето на Преродбата, од создавањето на Бугарската егзархија, биле токму такви – да биде не само една религиозна институција, туку да да биде лидер на нацијата“.
Претседателот на комисијата која треба да ги „пегла“ историски разлики во историските читанки, пред некој ден изјави дека Гоце Делчев е Бугарин по потекло, но може да го слават како херој и во Македонија, а македонизмот веќе го претрпел својот крах.
Шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева најави дека „спорните историски моменти“ меѓу Македонија и Бугарија ќе почнат да се разгледуваат во јуни од 14 експерти од двете држави, кои ќе бараат консензус за прашањата за кои постојат разлики меѓу двата соседи“, извести бугарската телевизија Нова.





