По неуспешната 12. средба на Мешовитата комисија за историски и образовни прашања, нејзиниот копретседател од бугарска страна Ангел Димитров се пожали дека со колегите од Македонија не можат да се согласат за речиси ништо од историјата, дури ни за Цар Самоил.
„Во целосна противречност со оптимистичките тврдења од Република Северна Македонија дека веќе сме го завршиле Средниот век и се движиме напред, всушност, некаде сме таму во 10. век и нема чекор напред. Нашите колеги сакаат да се најде нов пристап и нови оценки за ова историско време и за царот Самоил, кои се раминуваат со оценката по која постигнавме согласност, кога предлагавме двојно чествување. Се судираме со една чудна неподготвеност на нашите колеги да се усогласат со основните принципи на научните истражувања, а тоа е уважување на историските извори и усогласување со доминантните научни истражувања за оваа тематика во светската историска наука“, објасни Димитров на брифинг со новинарите.
„Нашите колеги сфаќаат дека нивната позиција е практично тешко одбранлива, но упорно настојуваат да бидат поставени на еднаква основа постигнувањата на светската медиевистика, во случајов и на бугарската, и на некои дела по оваа тема што се на локалните историчари и можеби на неколкумина од бивша Југославија. За нас е крајно неприфатливо упорното бегање од определбата ‘заедничка историја’, што е заведено во Договорот за пријателство и добрососедство. Доста чудно звучи двојниот стандард што тие сакаат да го лансираат во однос на учебниците и на јавните прослави“, се пожали уште историчарот и прв бугарски амбасадор во Македонија по нејзиното осамостојување.






