Во интервју за македонски „Фокус“, долгогодишниот бугарски амбасадор во Македонија вели дека веќе 75 години во Скопје се гради систематска негативна и невистинита претстава за Бугарија како непријателска и постојана закана – нешто што е многу добро познато уште од времето кога денешната држава се нарекувала Стара Србија или Вардарска бановина.
За Бугарија се неприфатливи научно неубедливи толкувања на минатото, вели Димитров, воспитувањето и образувањето на антибугарски позиции, како и наводите за „македонско малцинство“ во Бугарија, кои не постоело и не може да постои, како и опструкции против развојот на билатералните односи кои го попречуваат спроведувањето на Договорот за пријателство и добрососедство.
„Се плашам дека на Република Северна Македонија и недостасува точна проценка за бугарската позиција и за нејзините сопствени можности.
Бугарската позиција е монолитна – и во владата и во Националното собрание. Таа е поддржана од сите парламентарни партии, како и од претседателот. Не сум слушнал дека постои вонпарламентарна партија која е против заедничката бугарска позиција“’, вели поранешниот амбасадор во Скопје.
Димитров вели дека нема ништо ново и неочекувано во бугарската позиција. „Проблемот е во тоа што речиси 30 години, и за жал, особено во последните три години, се чини дека бугарските услови не стигнаа до Скопје“.
За Договорот за добрососедство, Димитров смета дека и 3,5 години по потпишувањето за македонската страна тој претставува само „формален политички акт“, наместо да биде солидна основа за градење на нов вид меѓудржавни односи.
„Имам чувство дека за политичарите во Скопје во овој Договор е важен само членот 2, кој погрешно го толкувате, т.е. дека Бугарија е должна безусловно да го поддржува РM во нејзината евроинтеграција, наместо да очекува помош во исполнувањето на потребните критериуми за членство.
Бугарија ја прави оваа работа со години, од другата страна слушаме само разговори и празни ветувања“, вели Димитров кој е и копретседавач на Заедничката бугарско-македонска комисија за историски прашања.





