Писмото на американската амбасадорка Агелер од 11 април беше еднострано и површно и не ја допре суштината на проблемите во македонското правосудство. Не е ни чудо што многу глупости што се случија деновиве се оправдуваат со тоа писмо

По драматичното писмо на американската амбасадорка Ангела Меркел од 11 април, во кое таа изрази загриженост поради укинати првостепени пресуди од страна на Апелациониот суд во Скопје и вратени на повторно судење, уследија неколку не помалку драматични настани.
Прво, без мнозинството со кое своевремено беше избрана – значи, нелегитимно! – Судскиот совет ја смени тогашната претседателка Весна Дамева. И покрај лавината критики во јавноста за овој потег, потпретседателот на Советот Селим Адеми, кој ја водеше и ацијата за егзекуција на Дамева, издејствува и избор на нов претседател на нејзиното место.
Да не заборавиме една важна работа. Постапката беше иницирана и каубојски изведена со изговор дека Дамева не го доставила на време писмото на амбасадорката Агелер до членовите на Судскиот совет.
Јас немам дилеми дека Дамева, без искуство во судската пракса и со партиско-политички бекграунд, не смее да биде на чело на институција која им „суди“ на судиите и која им дели откази кога ќе му текне. Не сум воопшто убеден дека ни е потребна вака дизајнирана институција, но тоа е друга темс. Како и да е, тврдам дека изборот на Дамева беше манифестација на безобразната супремација на извршната над судската власт во Македонија.
Сепак, да се разреши Дамева вака каубојски и тоа поради едно писмо?! Па не го пишал Тито тоа писмо ,мајку му стара!
Го одобрила ли Анџела Агелер пучот во Судскиот совет?
Во меѓувреме, обвинителката Ленче Ристовска упати критики кон Советот на јавни обвинители за трговија со влијание. Наместо расправа на оваа тема, против обвинителката се поведе некаква дисциплинска постапка.
Ја одобрила ли амбасадорката Агелер и оваа акција?
Според моите информации, Ланче Ристовска ѕвони на погрешна врата. Не ми е јасно зошто е тоа така, бидејќи мислам дека таа многу добро го знае она што го знаат сите кои се добро упатени во односот на силите и во распоредот на моќта во македонското правосудство.
Јас ќе бидам директен, а некој тоа можеби на Анџела Агелер и ќе ѝ го каже.
Значи, да не се правиме мутави и да кажеме како стојат работите:
Клучните тезги на кои се врши груба трговијата со влијание во правосудството се инсталациите на поранешниот премиер Зоран Заев во Јавното обвинителство, во Кривичниот суд во Скопје и во Апелациониот суд во Скопје.
Моите информации се дека Заев, откако ги изгуби своите позиции во скопскиот Апелационен суд, веќе склучил или се обидува да склучи пакт со премиерот Димитар Ковачевски. Резултат на тој пакт ќе биде поделбата на влијанието преку судијката Тања Милева, чиј сопруг Игор Милев сега е избран за член на Одборот на директори на Телеком како претставник на државата, за плата од над 6.000 евра.
Го гледа ли сево ова амбасадорката Агелер?
Ако има намера пак да пишува писмо, би ѝ предложил да го упати на три клучни адреси: јавниот обвинител Љубомир Јовевски, претседателот на скопскиот Кривичен совет Иван Џолев и апелационата судијка Милева.
Сакам да ѝ обрнам внимание на амбасадорката Агелер на уште две важни работи:
Прво, сите посматрачи, вклучувајќи ги и странските дипломати во Скопје, видоа како Владата се обиде со блиц-криг и со недозволено европско знаменце да ги протурка законите за поддршка на тајниот договор со „Бехтел и Енка“. Тоа ги засилува сомнежите за корупција и мислам дека правните експерти на Американската амбасада треба многу повнимателно и пообјективно да го следат овој случај.
Целата колумна на Бранко Героски за Плусинфо на следниот линк:





