Некогашниот претседател на македонското Собрание, Стојан Андов, во интервју за српскиот весник „Данас“ го осуди Објаснувачкиот меморандум на Бугарија до членките на Европската унија во однос на Македонија.
„Во тој меморандум сè е прекроено, полно е со лаги и бесмислици. Лага е и таа идеја за развдојување на македонскиот од бугарскиот народ од страна на Југославија, бидејќи југословенските ставови се градени заедно од сите југословенски народи, вклучувајќи го и македонскиот. Напротив, политиката на сегашната бугарска влада грубо ги раздвојува македонскиот и бугарскиот народ и ги спротивставува еден на друг“, вели Андов.
Ако за македонската евроинтеграција решава само бугарската влада, според него, тогаш е невозможно да се постигне задоволувачко решение.
„Но, како што течеа работите во последно време, не постои расположение во ЕУ да се препушти одлуката во рацете на бугарската влада. Сето тоа е многу сложено, но во завршната фаза на досегашната постапка три земји-членки на ЕУ – Чешка, Словачка и Австрија – ставија вето на бугарскиот став. Нивните министри за надворешни работи рекоа дека Македонците се во право. Тоа значи дека Бугарите ја фабрикуваат својата историја. Се разбира, македонската Влада и Македонија не се во ситуација сами да решаваат. Но, сега е јасно дека бугарскиот став ја блокира политиката на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан. Работата е во тоа што ниту една друга земја не им се спротивстави на овие три земји. И бугарската влада не смееше да инсистира понатаму, бидејќи виде опасност сите да се изјаснат како и чешката, словачката и австриската влада. Така внатре во Унијата е зададен удар на оваа бугарска политика“, додава Андов.






