Оперативецот и правник Миле Костов е кадарот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) кој треба да раководи со организационата единица за внатрешна контрола на Агенцијата во наредните шест години. Со оглед на неговата старост тој можеби нема да може да биде на функција повеќе од една година.
Одлуката Костов да биде раководител на внатрешната контрола на АНБ е на директорот на Агенцијата, Зарко Милошевски, која денеска со мнозинство гласови беше потврдена, односно доби согласност од надлежната собраниска Комисија, без чиј амин, предлогот на Милошевски не можеше да помине.
Директорот на АНБ, Милошевски, во своето излагање пред членовите на Комисијата презентираше дел од биографијата на Костов. За него тој кажа дека е дипломиран правник со 28-годишно искуство. Професионалната кариера во контраразузнчката служба ја почнал во 1994 година како оперативен работник.
„Има дадено исклучителен придонес во заштитата на националната безбедност. Учестува на голем број обуки во земјава и во странство. Со неговиот авторитет и искуство ќе одговори на оваа значајна позиција, ќе даде придонес за професионалните стандарди и доследно почитување на законските акти на Агенцијата. Мислам дека е добар избор”, рече директорот на АНБ.
Проблемот со Костов е што ако се знае дека тој има 28 години стаж во службите за безбедност каде работниците имаат бенефициран стаж, тој нема шанси да остане 6 години на функцијата затоа што за кратко време ќе мора да оди во пензија.
Дали со тоа новиот директор Милошевски повторно сака да добие ситуација во која ќе нема кој да ја контролира АНБ е прашање на кое одговорот ќе треба да го даде АНБ.






