Анализа – Вистинската агенда на Румен Радев е повторно приближување кон Москва

Стоти по ред во историјата на Бугарија и четврти премиер поставен од претседателот Румен Радев. Ова е сувата статистика за новата влада која стапи на функција во вторникот.



Шефот на државата наведе неколку главни задачи пред неа – контрола на високите цени, обезбедување евтини енергетски резерви, смирување на политичката тензија, спречување Бугарија да биде вовлечена во војна.

Сепак, ова е само официјалната листа на приоритети на новиот кабинет, велат аналитичарите со кои разговараше Радио Слободна Европа. Зад неа демне втора, неофицијална агенда, која сугерира враќање на испораките на руски гас и „пацификација“ на дијалогот со круговите блиски до Москва.

„Сигналите се многу јасни од Радев дека сака да биде решен проблемот со енергетската криза – тој тоа го гледа во насока на обновување на испораките од Газпром“, смета професорката по политички науки на софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“ Ружа Смилова.

„Радев можеби е генерал на НАТО, но има сосема друга позиција“, додава Борјана Димитрова, менаџер на социолошката агенција „Алфа Рисрч“. Според неа, некои односи со Русија може да се обноват под економски изговор, без тоа официјално да се рекламира.

Димитрова очекува сличен развој на настаните поради неколку јасни противречности меѓу зборовите и постапките на претседателот. „Ќе набљудуваме нешто сосема ново од Радев во бугарскиот политички живот – некои зборови на смирување, на согласност, на дијалог, а во исто време и постапки кои не мора да водат во оваа насока“, вели социологот. А целта, според неа, е очигледна – со својата следна влада Радев има за цел да ја консолидира поддршката на лево ориентираното – русофилско гласачко тело.

„Треба да се справите со предизвиците кои беа поштедени од претходните три преодни влади поставени од мене“, рече Радев во почетокот на својот говор во вторникот.

Тој ги наведе и проблемите што, според него, ги оставил во аманет претходниот кабинет на Кирил Петков: „Јавниот замор од острата политичка криза, растечката инфлација и осиромашувањето, прохибитивните цени на горивата и енергенсите и недостигот на гас за зимата“.

Според Борјана Димитрова, зборовите на Радев го покажуваат само првиот слој од неговата визија за иднината на државата, бидејќи така може да ја стекне довербата на јавноста.

Целата анализа на следниот линк:

https://www.slobodnaevropa.mk/a/%D0%B4%D0%B0%D0%BB%D0%B8-%D1%81%D0%BE-%D0%BF%D1%80%D0%B8%D0%B2%D1%80%D0%B5%D0%BC%D0%B5%D0%BD%D0%B0%D1%82%D0%B0-%D0%B2%D0%BB%D0%B0%D0%B4%D0%B0-%D0%B1%D1%83%D0%B3%D0%B0%D1%80%D0%B8%D1%98%D0%B0-%D1%9C%D0%B5-%D1%81%D0%B5-%D0%B2%D1%80%D0%B0%D1%82%D0%B8-%D0%B2%D0%BE-%D1%80%D1%83%D1%81%D0%BA%D0%B0%D1%82%D0%B0-%D0%BE%D1%80%D0%B1%D0%B8%D1%82%D0%B0-/31973455.html