Потпишан, конечно се објави Протоколот од вториот состанок на заедничката меѓувладина комисија, формирана врз основа на членот 12 од Договорот на пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија. Протоколот вчера се потпиша, а вечерта беше и објавен македонскиот превод. За бугарската верзија, за која пишувавме на 11 јули, МНР тогаш соопшти дека се работи за стара и неконечна верзија.
А разликите се речиси безначајни.
На викенд-брифинзите на Бујар Османи, министерот за надворешни работи на Македонија, потврди дека мора да има промени во македонскиот Устав за почеток на реалните преговори (отворање на кластерите, а не скринингот), дека од наредната година мора да се одредат датуми за заедничко славење на заеднички празници, а до 2025 да се усогласат измени во учебниците за кои ќе се договорат членовите на мешовитата бугарско-македонска комисија за историски прашања – пишува Александар Дамовски за Мкд.мк.
Од Протоколот се гледа дека Заедничката комисија за историски и образовни прашања на Македонија и Бугарија сепак постигнала некаков договор за цар Самуил.
Шефот на македонската делегација во таа комисија, академикот Драги Ѓоргиев, неодамна тврдеше дека нема договор за Самоиловата држава дека е бугарска.
И покрај тоа, Османи потпиша документ во кој се вели дека Македонија „ќе подготви и достави прелиминарен урнек од лекција за 7 одделение… на тема Самоилова држава“, според препораката на Комисијата.
Ова значи дека историчарите нешто веќе договориле за Самуил, а ние по тој урнек „само“ ќе треба да ги смениме лекциите во учебниците по историја.
А Ѓоргиев пред само неколку дена тврдеше дека „сѐ што е објавено за работата на Комисијата и содржината на текстовите што се усвоени за заедничко чествување на цар Самуил е апсолутно неточно“ и дека „Комисијата никогаш не усогласувала текстови за да бидат тие ставени на различни спомен-обележја, споменици или тврдини“.
Ова е само дел од лагите со кои јавноста деновиве беше преплавена од македонски функционери дека протоколот ќе се објави во понеделник (само што не кажаа кој понеделник), дека она што се објавува по бугарските медиуми е неточно, дека тоа се нацрт-верзии, дека има измени, дека македонскиот идентитет и јазик се заштитени…
Вистината е дека Бугарија нема мрднато од ставот дека не го признава македонскиот јазик и дека тоа постојано ќе виси по европските документи. Секое споменување на македонскиот јазик таму ќе биде придружено со ѕвездичка дека за Бугарите тој не постои.
Како па нам да ни е клучно што мислат или што некогаш мислеле Бугарите.
Разлика во документите меѓу Македонија и Албанија
Во документите за отворање на преговорите за пристапување на Албанија нема никакви задршки, фусноти ниту какви било други „креативни решенија“.
Документот за Албанија е со ист датум, 17 јуни 2022 година, кога беше објавен и првичниот предлог на преговарачка рамка за Македонија, кој Владата го одби, а потоа дојде видоизменетиот француски предлог, кој сега е срдечно пречекан од власта, ама не толку срдечно од опозицијата. Сепак, јавноста не ја доби шансата да ги спореди „измените“.
Во однос на пограничниот спор меѓу Грција и Албанија во документите за Албанија предлог-преговарачката рамка за Албанија нема никакви други дополнителни услови. Се нотира само посветеноста на Албанија за решавање на граничниот спор со Грција, за што двете земји веќе имаат постигнато договор да се реши со арбитража. Без никаква условеност со другите процеси.
Целиот текст на следниот линк:
https://www.mkd.mk/makedonija/politika/bugarija-makedonija-172-ili-shto-sje-prodadovme-so-ovoj-dogovor





