За прв пат по 8 години во општина Кичево еден поранешен функционер на ДУИ, Фатмир Лимани, се осмели како независен кандидат да го предизвика на изборен дуел досегашниот градоначалник Фатмир Дехари, наставник по фискултура кој претходно беше обезбедување на Ахмети, заменик директор на УБК и градоначалник на поранешната општина Осломеј од редовите на ДУИ.
Интересно е што позади кандидатурата на Фатмир Лимани стојат видни авторитети од ДУИ, како што е вујкото на Ахмети, Фазли Велиу, додека зад Фатмир Дехари стои вицепремиерот Артан Груби.
Соговорници од двата табори тврдат дека секој од кандидатите може да освои меѓу 5.000 и 6.000 гласови, но се забележува голема лична нетрпеливост меѓу овие двајца кандидати.
Трката за конечна победа во Кичево ќе биде уште понеизвесна доколку кандидат за градоначалник биде и Мазлам Османи, директор на Домот за култура, кој има блиски релации со Алијанса и Алтернатива.
Но, Зијадин Села сеуште не е сигурен дали може да им земе повеќе од 2.500 гласови во Кичево и затоа сеуште не одлучиле дали ќе истакнат свој кандидат за градоначалник.
Сепак Алијанса гледа шанса во гласањето со фингерпринт, што ќе оневозможи полнење на кутии со повеќекратно гласање во Зајас и Србица во корист на ДУИ, за што постојат сериозни индиции од повеќе претходни избори.
И тоа не е се од кандидати бидејќи и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се подготвуваат да истакнат свои кандидати за градоначалник на Кичево.
Владеачката СДСМ за свој адут го смета Др Станко Трпески, актуелен директор на болницата, кој порано беше и кандидат за пратеник, близок е со министерот за здравство Филипче и може да привлече добар број на гласови од симпатизерите на социјалдемократите.
Опозиционата ВМРО-ДПМНЕ исто така се спрема да истрча со кандидат од докторската фела, кој работел во своја приватна ординација, македонец кој имал и блиски фамилијарни врски со угледна албанска фамилија во Кичево, а досега не бил носител на државна функција.
Од ВМРО-ДПМНЕ не го откриваат неговото име, но проценуваат дека можат во првиот круг да добијат доверба од околу 8.000 кичевчани.
Во таков случај ќе биде многу интересно да се види кои двајца кандидати ќе успеат да се пласираат во вториот изборен круг во Кичево и кој ќе стане градоначалник на оваа општина во западна Македонија.
Ниту еден од потенцијалните кандидати засега не исклучува соработка со било кој друг кандидат за вториот круг.
Инаку Кичево на хартија има околу 55.000 жители, но најмалку 15.000 од нив се иселеници во Швајцарија, Германија и Америка.






