Цел јуни ќе биде променлив и со чести, но кратки врнежи од дожд, велат познавачите на временската состојба. Како што анализира Телевизија Алфа, тоа се должи поради циклонската активност над Средоземно море, клима, која се пресликува и кај нас. И синоптичарите и хидролозите, сметаат дека ваквото нестабилно време не е ништо ново, и тоа сме го имале и изминатите години.
Дека не очекува променливо, нестабилно и топло време и во наредните денови потврдуваат и синоптичарите. Велат дека утринските температури ќе се движат од 10 до над 16, а преку ден ќе биде топло со температура до 27 степени. А веќе од јули не очекуваат пеколни температури, слични како и лани.

Хидрологот Атанас Угрински од Управата за хидрометеролошки работи посочува дека сме сведоци на чести примери на екстремни појави во Македонија, како на пример честите обилни дождови кои поплавуваат се пред себе, и сето тоа придонесува за нестабилните климатски промени.

Ќе имаме нестабилен месец, со краткотрајни врнежи од дожд на секаде низ земјава. Тоа е вообичаена појава. Досега немаше опасности за излевање на реките, токму поради тоа што беше драстично намалено нивото на реките. Повеќедневниот дожд добро им дојде и на езерата кои исто така беа многу повлечени. Но, моменталната стабилна состојба е променлива и зависи од интензитетот на врнежи во следниот период.
Климатските експерти долго време предупредуваат дека емисиите од човечките активности се повеќе ќе предизвикуваат поплави, топлотни бранови, суши, невремиња и други видови на екстремни временски услови.
Во однос на подготвеноста за детектирање на екстремни временски настани, во УХМР постои систем за рана најава и предупредување, составен од автоматски хидролошки и метеоролошки станици, бази на податоци, сателитски и радарски мониторинг систем.





