Додека четири држави од Западниот Балкан кои се во или пред преговори со ЕУ (Србија и Црна Гора преговараат, Македонија и Албанија чекаат почеток, Босна и Косово засега далеку од преговори) се надеваат на забрзување на процесот на приклучување во Париз и Брисел постојат прашања кои се многу поважни од Западниот Балкан.
По речиси дведецениското огромно финансиско присуство и политичко и бизнис влијание на Кина и Русија во Африка и отсуството на соодветен одговор од ЕУ и САД, западните сојузници почнуваат со конкретни планови како да се спаси богатата со руда и минерали Африка од Кина и Русија.
Дали Западниот Балкан по кој знае кој пат ќе стане колатерална штета поради други поважни приоритети на Брисел ќе се знае до Јули кога завршува претседавањето на Франција со ЕУ и до кога се очекува сериозен исчекор во агендата на проширувањето пред се со почеток на преговори за Скопје и Тирана.
Зошто не Западен Балкан туку Африка е прв приоритет на Елисејската палата и што се крие во позадината на ,,битката за црниот континент”?
Вистинска прокси војна помеѓу Франција со Русија и Турција се крие позади интересот на Париз да го искористи претседавањето со ЕУ за обнова на партнерството меѓу Европа и Африка пред клучниот самит во февруари 2022
Во понеделникот na 10.01.2022 во Париз се одржа состанок со цел да се идентификуваат приоритетите за земјите-членки на ЕУ со Африканската унија, што е прв настан организиран од француската влада како дел од нејзиното шестмесечно претседавање со Советот на Европската унија.
Целта на Францускиот претседател Макрон е “да го обнови економскиот и финансискиот договор на ЕУ со Африка“.
Изгубената војна со Алжир
На 2 октомври 2021 година, алжирската влада го отповика својот амбасадор во Париз и го затвори својот воздушен простор за француските воени авиони заради говор на Емануел Макрон за алжирското комеморативно прашање, кое се сметаше за непочитување. Овој инцидент е втор чин на политичко-дипломатски конфликт меѓу Алжир и Франција која на крајот на септември одлучи драстично да го намали издавањето визи за граѓаните на земјите од Магреб. Оттогаш, односите меѓу двете земји продолжија да се влошуваат, дополнително слабеејќи ја популарноста на Франција на африканскиот континент оставајќи простор за Русија, историскиот сојузник на Алжир. Воедно и Турција го искористи вакумот за зголемување на трговска соработка со Алжир каде се активни дури 1.300 турски компании активни, особено во индустријата за челик (Tosyali group), текстил (Tayal), хигиенски производи (Hayat Kimya) и енергетска индустрија (договор меѓу Botas и Sonatrach).
Од почетокот на 2000-тите, Русија ги стави Африка и Медитеранот во центарот на својата надворешна политика. Ова место стана уште поважно во 2015 година, кога Москва ја виде Сирија како начин да го потврди својот статус на меѓународна сила додека ги брани своите безбедносни и економски интереси, како што се борбата против тероризмот и развојот на трговски договори за енергија.
Москва и Алжир споделуваат слично разбирање за внатрешната и надворешната политика. Двете земји имаат исти аспирации да се етаблираат како независни сили помагајќи си една на друга. Русија продолжува да ги охрабрува африканските земји да се мобилизираат за политичка и економска независност од Франција.
Во 2006 година, Москва го откажа долгот на Алжир кој изнесуваше 4.7 милијарди долари правејќи клима за Руските инвеститори. Последниот руски успех е втората испорака од трговецот Деметра на пратка од 60.000 тони пченица во Алжир.
Од енергетска гледна точка, Москва и Алжир постигнаа нуклеарен договор во 2014 година и проценуваат дека првата електрана дизајнирана од Русија треба да биде направена од 2025-2030 година.
Во 2017 година Дмитриј Медведев, тогашниот шеф на руската држава, потпиша со Алжир шест документи за руско-алжирска соработка меѓу кои и во областа на правдата, енергетиката, образованието и здравството. Алжир останува еден од главните клиенти на Русија во арапскиот свет, особено во секторот за оружје каде Москва обезбедува 67% од потребите за опрема, што ја прави поранешната француска колонија трета по големина. Двете држави презедоа нов чекор во воената соработка со почетна заедничка обука на руските и алжирските копнени сили во октомври 2021 година.
Соработката на Алжир и Русија е проширена кон остварување на заеднички интереси во Мали. Алжир ќе ја користи паравоената Руска моќ за да се спротивстави на влијанието на Франција во Сахел.



Војната за влијание во Мали
Во јуни 2021 година, францускиот претседател Емануел Макрон објави крај на операцијата Бархан, оставајќи празнина која веднаш ја искористи Русија. Имено Бамако изрази веднаш подготвеност да ја изнајми руската група Вагнер, воениот инструмент за стратешко влијание на Кремљ, за заштита на високите лидери и формирање на вооружените сили на Мали.

Од страна на Москва, распоредувањето на Вагнер дополнително ќе го прошири руското влијание во Африка, преземајќи водечка улога во стабилизирањето на регионот. Понатаму, потенцијалниот договор со Бамако ќе донесе 9,15 милиони евра месечно на групацијата Вагнер и ќе и гарантира на руската компанија пристап до три наоѓалишта на минерали, две на злато и едно на магнезиум. Договорот предвидува распоредување на 500 Вагнер контрактори на 10 локации во Мали. Во замена за помош за решавање на критичната безбедносна ситуација, Русија би добила финансиски и политички придобивки од Бамако.
Така, таа би се претставила како победничка голема сила, за разлика од Франција. На 10 јануари 2022 година, Економската заедница на западноафриканските држави (ECOWAS) одлучи да ги затвори копнените и воздушните граници меѓу земјите-членки и Мали и да ги замрзне средствата на Република Мали во централните банки на ECOWAS, како санкции како одговор на најавата на преодните власти да ги одложат претседателските избори за крајот на 2026 година. Мали одговори со затворање на границите за сите земји кои ги поддржуваат санкциите објавени од ECOWAS, со исклучок на Гвинеја.
Со Франција, како една од тие земји, преодните власти на Мали ги откажаа воените договори во рамките на операцијата Бархане – Француска антитерористичка операција против џихадистите, финансирана од САД

Чад
Додека Париз на старомоден начин се обидува да победи во војната за влијание против руската паравоена група Вагнер, Вашингтон ја почна војната на перцепција со користење на истражувачкиот свет и невладините организации со својата програма Теарлајн. Последното истражување на програмата се фокусира на различните активности на Вагнер во Африка. Истражувањата се насочени кон собирање на докази за влијанието на руското рударство врз животната средина во Централноафриканската Република (ЦАР).
Имено се работи за осум рударски области во сопственост на Руската рударска компанија „Lobaye Invest“ која од 2017 година има ексклузивни минерални права на рудни наоѓалишта низ целата земја а за своја заштита ја користи паравоената формација Вагнер.
Оттогаш, военото присуство на Русија во ЦАР расте. Првично, Москва апелираше до Советот за безбедност на ОН да го заобиколи ембаргото за оружје за ЦАР и испрати борбени инструктори да ја обучуваат Армијата на Централноафриканската република (FACA).
Претседателот Туадра потоа почна да користи платеници Вагнер во неговата претседателска гарда и го назначи Валериј Захаров – поранешен руски офицер на ГРУ со директни врски со Пригожин сопственикот на „Lobaye Invest“ – за негов личен офицер за национална безбедност. Од овие првични состаноци, повеќе големи контингенти на вагнерови сили (официјално наречени „инструктори“ од Кремљ) пристигнаа во ЦАР.
Сега, силите на Вагнер отворено се борат заедно со FACA, како што се случи во насилството по реизборот на Туадра во 2020 година. По спорната изборна победа на Туадра во декември 2020 година, насилството се зголеми бидејќи водачите на бунтовниците ја оспорија легитимноста на изборите.

Обединетиот фронт на бунтовниците започна офанзива на главниот град Бангуи и презеде контрола врз поголемиот дел од западната ЦАР, но на крајот беа спречени од силите на ОН и FACA. Потребно беше распоредување на дополнителни руски инструктори и војници од Руанда за да се помогне и да се стабилизира ситуацијата. FACA, работејќи со вкупно најмалку 300 руски воен персонал и напредни возила (оклопни возила и хеликоптери од руско производство), ги истисна бунтовниците.

Случајно, поголемиот дел од дозволите за рударство на Lobaye Invest се наоѓаат во овие повторно заземени области, а повторното воспоставување на владината контрола овозможи понатамошна експлоатација на овие рударски локации.
Гледајќи на Брисел од некој од главните градови на Западниот Балкан од каде не се гледаат глобалните судири меѓу најмоќните нема логика регионот да биде жртва на битката за Африка во која е вклучен и најмоќниот европски политичар Макрон.
Но ако се земе предвид дека и Западниот Балкан е дел од операциите на истите актери кои водат прокси војна во Африка станува јасно дека до последен момент ќе биде неизвесно дали регионот наскоро ќе има иднина во ЕУ или ќе остане надвор од унијата се додека не се решат големите стратешки судири меѓу најмоќните.






