„Учениците треба да знаат што значи маица со портрет на Че Гевара што ја носи нивниот соученик“, порача американски конгресмен откако Републиканците во Претставничкиот дом воведоа предлог-закон со кој се охрабруваат училиштата да го вклучат проучувањето на злосторствата на комунизмот во нивните наставни програми.



Документот на прес-конференција го претстави Марија Салазар, претставничка на Флорида во Конгресот, која е родена во семејство на кубански имигранти, објави Слободна Европа.

Според Салазар, една третина од генерацијата родени меѓу 1997 и 2012 година го фаворизирале комунизмот.

„Вистината е дека комунизмот е рак. Единствената еднаквост што ја обезбедува комунизмот е дека луѓето се подеднакво сиромашни, подеднакво гладни, подеднакво угнетени и подеднакво протерани“. – категорична е Марија Салазар.

„Американските студенти треба да знаат за советскиот Гулаг… дека Сталин намерно изгладнувал 3,5 милиони Украинци“. – коментираше конгресменот Ден Креншо од Тексас.

„Тие треба да знаат за културната револуција на Мао, која уби десетици милиони Кинези. Тие треба да знаат за современото ропство во кое сега живеат муслиманите Ујгури“. додаде Креншо.

Според него, целта на предлог-законот е да се осигура дека комунизмот „ќе остане во ѓубриштето на историјата, онаму каде што му е местото“.

Во јуни, гувернерот на Флорида, Рон Десантис, потпиша закон со кој државните средни училишта се обврзуваат да предаваат историја на комунизмот. На церемонијата на потпишување, тој рече дека студентите треба да бидат свесни за опасностите од тоталитарните идеологии.