Јавното обвинителство ја истражува информацијата од Амбасадата на САД според која 83 лица, кои биле повеќекратно осудени сторители на кривични дела и се на слобода, добиле огнено оружје заради попречување на изборниот процес на денешните Локални избори.
Информацијата до амбасадата ја доставило лице од политичка партија
Според друга дојава друго лице, познат сторител на кривични дела, поседува оружје и дека на денот на гласањето ќе изврши кривични дела со кои ќе го загрози животот и телото на членови на политичка партија. Обвинителството не открива за која партија станува збор.
„По приемот на известувањето, преку МВР СВР Скопје се проверуваат наводите од пријавата и се преземаат оперативни мерки за проверка на лицата и разговор со подносителот на пријавата, а заради утврдување евентуални основи на сомнение за сторено кривично дело, за кое гонењето се презема по службена должност“, соопшти Обвинителството.
Денеска Обвинителството добило и пријава дека повеќе лица со две патнички моторни возила вршат изборен поткуп во скопските населби Топаана и Шуто Оризари, а Обвинителството дало насоки СВР Скопје да ги провери наводите од пријавата и на лицата на кои што им бил понуден поткупот.
Дежурен јавен обвинител од скопското обвинитeлство е присутен во Штабот во седиштето на СВР Скопје каде се следат сите настани поврзани со неправилности за локалните избори, велат од Обвинителството.





