Maкедонското Министерство за надворешни работи(МНР) добило потврда за оштетените автомобили во Грција, и очекува детали по што соодветно ќе реагира.
Од МНР за „Локално“ информираат дека по добиените наводи за инцидентите со оштетените возила во Република Грција, Амбасадата на Северна Македонија во Атина и Генералниот конзулат во Солун веднаш стапиле во контакт со надлежните институции и органи.
„Нашите дипломатски конзуларни претставништва во Грција се во очекување на официјалнo известување, вклучувајќи и детали за случајот, по што Министерството ќе процени за соодветна реакција“, велат од МНР.
Околу 20 искршени автомобили со македонски регистарски ознаки вчера се забележани во грчките туристички места Калитеа и Афитос.
Сопствениците на оштетените возила се чувствуваат загрозено од овој немил настан. Фактор вчера пишуваше за оштетените автомобили.






