Аманетот на Шатев: Долг е на секој Македонец да се бори против натрапените водачи, кои го носат македонскиот народ во смрт!

„На секој Македонец, каде и да се наоѓа, му се налага задолжителен долг да протестира, да се бори кој со што може и да ги штити своите права и своите интереси, презирајќи ги сегашните натрапени водачи, кои со престапничка кусогледост и незнаење го водат македонскиот народ кон отворена смрт и колеж. Секој поединечно и заедно, колективно, на собири и митинзи, на национални совети и на конгреси да побара слобода за македонската мисла и критика, слобода на размислувањата и убедувањата како единствена, во прво време ефикасно средство за да се изрази заедничката, колективна војна, што единствено ќе може да ги обезвредни, да ги обузда и да ги отстрани сите безумени…  … да се бориме со мисли и идеи, кои раширени меѓу широките народни маси се посилни од ножот и куршумот!“ – напишал легендарниот Македонски гемиџија Павел Шатев во списанието „Македонско дело“ во 1928 година.



Денешниот ден, 15 јуни во 1882 година, кога се родил Павел Шатев во Кратово, е уште една пригода за повторно навраќање кон впечатливиот живот и дејност за Мкедонија на овој револуционер, Македонски гемиџиџија – Солунски Атентатор, деец за македонската национална кауза, за македонската држава и слобода, доктор на правни науки, член на Президиумот на АСНОМ, дипломат, државник, министер, пратеник, писател-публицист, историчар-документарист, адвокат, професор и разузнавач.

Во својот говор, одржан на 8 декември 1944 година  во кино-салата “Славјанска беседа“ во Софија, Павел Шатев ќе се осврне на великобугарскиот шовинизам со зборови, кои со сета своја сила и актуелност прозвучуваат и денес, по 79 години, како порака и до денешните „санстефански дејци“ од Софија, кои чинат жестоки усилби да ги фрлат македонскиот народ и Македонија во бездната со помош на уставните промени: “Еден од најважните корени на сите национални несреќи и катастрофи, што му се случуваа на бугарскиот народ во последните десетлетија, лежи во великобугарскиот шовинизам, бугарската идеологија и политика на Балканот и владеењето над соседните народи.“

Павел Шатев е вистинска македонска историја. Се роди и израсна во Македонија поробена од Отоманската империја. За слободна и самостојна Македонија се бореше со динамит, атентати,со револуционерна и политичка дејност, но и со перо. Современик е на Илинден и Крушевската Република.

Им се приклучува на Македонските гемиџии и тие во април 1903 година ја изведуваат својата величествена акција во Солун, копнеејќи за еден друг свет, свет без господари и робови, во кој сите ќе живеат слободни и рамноправни. „Да слушне цела Европа, да дознае стариот континент дека Македонија е сѐ уште поробена, но и тоа дека има луѓе, кои крваво ќе се жртвуваат за својот народ, зашто и тој има право да живее“ – со оваа парола Гемиџиите го затресуваат Солун. Шатев е задолжен да го потопи со динамит францускиот брод „Гвадалкивир“. Оваа акција е успешно извршена, при што бродот бил запален, а сите патници се спасени.

Од Гемиџиите преживува само Шатев. Уапсен е и на судскиот процес на 6 јуни е осуден на смртна казна. Исчекувајќи го три години извршувањето на смртната казна во солунскиот затвор Еди Куле, на 23 април 1906 година, неочекувано, смртната казна му е заменета со доживотен затвор во Фезан, во Сахара. Во 1908 година, по Младотурската револуција, добива амнестија и повторно доаѓа во Солун. По кусиот престој во Македонија, заминува во Брисел, каде што студира на Правниот факултет.

Во 1922 година, на Основачкиот конгрес на Македонската емигрантска федеративна организација(МЕФО), Павел Шатев е избран како претседател. Конгресот усвоил Резолуција за активност на заедничките сили на Македонија за остварување на идеалот – создавање на автономна Македонија, со рамноправност на сите народности.

Остануваат трајно во паметењето на македонскиот народ и во националната историја и овие знаменити зборови на големиот македонски патриот Шатев: Да се создаде едно самостојно политичко постоење како единствен македонски народ, слободно да се развива во културно-просветна смисла, да соработува во политички и економски однос со сите други народи во балканските држави, беше заветуван сон, фантазија за секој Македонец. … за да може македонското население правилно да се развива културно, политички и социјално, потребно е Македонија да се одвои во одделна политичка единица, во оделна држава… Идеалот на Македонецот е создавање на една Татковина, оделна македонска држава, со македонска нација, со своја историја и со свој самостоен политички и културен живот.

Ги доживеа и преживеа настаните од формирање на МРО/ВМРО. Современик е и на Малдотурската револуција. Учествуваше во Балканските војни. Ги преживеа Првата и Втората светска војна. Во 1922 година, на Оснивачки конгрес на Македонската емигрантска федеративна организација(МЕФО), избран е за претседател. Конгресот усвоил Резолуција за активност на заедничките сили на Македонија за остварување на идеалот – создавање на автономна Македонија, со рамноправност на сите народности.

Шатев бил двапати осудуван на смрт: еднаш од турскиот султан, вторпат од бугарскиот цар.  Во јуни 1931 година се вратил во Софија и до почетокот на Втората светска војна ќе се придружи кон антифашистичкиот сили, пројавувајќи се како голем патриот и антифашистички борец. Притоа, тој постојано ќе биде следен, приведуван и сослушуван од полицијата, ставајќи го својот живот повторно на големи искушенија во бугарските затвори и логори.

Пред почетокот на војната Павел Шатев е потписник на апел – меморандум за решавање на македонското прашање: на 1 ноември 1938 година заедно со Туше Делииванов и Божин Проданов го објавиле апелот „Известување од македонската општественост до светската општествена јавност“, во кој, покрај другото, се барало: „Ставање крај на крајно неподносливата асимилаторска политика во Македонија, признавање на правата на Македонците да се третираат како самостојна народносна единица и обласно самоопределување на одделните делови на Македонија.“

На 10 октомври 1941 година Шатев бил уапсен од полициските власти во Софија под обвинение дека „работел во минатото за создавање на македонска комунистичка организација“ и дека бил „во конспиративна врска со чиновници од советската амбасада, од која што добивал инструкции за организирање и обединување на македонските Бугари-комунисти  од новоослободените земји“. Во ноември истата година бил испратен во логорот Крстополе, кај Ксанти, а потоа во логорот „Гонда вода“ кај Асеновград.

На судењето во Софија во јуни 1942 година Шатев изјавил: “Јас сум Македонец и се занимавам со македонските работи, не сум комунист“. Со овој став легендарниот Македонец-гемиџија уште еднаш потврдил дека својот живот им го посветил во целост на Македонија и на македонското револуционерно и национално дело.

Во јули 1942 година бил осуден на 15 години затвор, бидејќи работел „по македонска линија“. Бил затворен во затворот во Хасково, а подоцна во Ќустендил. По капитулацијата на Бугарија Павел Шатев во септември 1944 година, заедно со уште 29 македонски револуционери и општественици, припадници на сите струи во македонското револуционерно движење, се јавува како прв потписник на „Апелот до Македонците во Бугарија“, за поддршка на македонската борба за слобода и за создавање македонска држава. Апелот имал цел да ги запознае Македонците во Бугарија дека во Македонија се создаде АСНОМ, кој се застапува за „целосно самоопределување на македонскиот народ“.

Доаѓајќи со бригадата „Гоце Делчев“ во ослободена Македонија, Павел Шатев во октомври 1944 година бил кооптиран за член на АСНОМ, а во јануари 1945 година за член на Президиумот на АСНОМ. Во април 1945 година бил избран како член на првата влада на Федерална Македонија и за министер на правосудството. Во мај 1946 година бил избран за потпретседател на Президиумот на АСНОМ и за сојузен пратеник во Уставотворното собрание.

Сета своја љубов  и посветеност кон Македонија Шатев ја искажува и на седницата на Уставотворното собрание во ноември 1946  година, велејќи: “Ние сме мал народ… но со гордост се кажуваме Македонци и сме веќе нација со своја територија, свој јазик, наше економско единство, наша македонска култура. Во минатото, во далечното минато и ние сме дале нешто крупно во историјата. Македонците се први од сите Јужни Словени што ја примиле цивилизацијата и создале своја писменост, која е лулка на писменоста, како на Бугарите, така и на Србите, на Русите, на Украинците и на други“.

За а време на Инфорбирото влегува во судир со македонското раководство и како “непријател на државата“ на 16 јуни 1949 година е уапсен, одземен му е пратеничкиот имунитет и во истражниот затвор во Скопје е задржан 11 месеци. Потоа е упатен во домашен притвор во Битола, каде е чуван во тешки услови за живот и изолиран од контакти со други лица. Набрзо се разболува, при што не му е дозволено да се лекува и поради тоа починува во јануари 1951 година. Не му било дозволено на семејството да го погреба во родното Кратово. Било забрането и присуство на блиските на неговиот погреб.

Човекот, кого не успеаја да го скршат и да го уништат османскиот султан и бугарскиот цар, револуционерот кој ги преживеал прогоните и затворањата во затворите Беаз-куле, Еди-куле, Фезан, Енби-кој, деецот кој излегол жив од тортурите во затворите во Софија и Ќустендил, неуморниот борец кој се спасил и од логорите Крстополе (кај Ксанти) и Гонда вода (кај Асановград), на крајот беше осуден на смрт без обвинение, без судење и пресуда и беше уништен од агентите на ОЗН-а и УДБА. Дури во 1956 година му е подигнат спомен-гробно обележје од непознат нарачувач.

Подготвил Свето Тоевски, врз основа на статија според предговорот на Зоран Тодоровски кон книгата „Борис Сарафов (биографија)“ на Павел Шатев, издадена од Државниот архив на Македонија и „Македоника Литера“, врз основа на статијата за Павел Шатев во „Македонска нација“ од 31 јануари 2021 година, како и според статијата на Сотир Костов „140 години од раѓањето на Павел Шатев, легендата на македонската револуционерна борба“, објавена во весникот „Илинден“ на Македонското друштво „Илинден“ и Тирана.