“…И таму на врвот одеднаш татнеж, чад, потоа молк. Нејзиниот глас не се слушаше повеќе. Ја кренаа другарите. Само очите по нешто ѝ зборуваа и чиниш тих шепот се шири: “Ме отргнаа од вас другари, но не ми го откорнаа срцето и омразата кон нив. Земете ја таа омраза и ставете ја на вашите оружја, за да бидам и понатаму присутна меѓу вас и удрете, удрете…” – овие зборови на грчкиот публицист А.Пинду се дел од неговите сеќавања за македонската хероина Катина (Тина) Андреева – Цвета, храбрата љубимка на борците од 18-та бригада на Демократската армија на Грција (ДАГ), која загина херојски на денешен ден, на 13 мај 1949 година во крвавата битка со грчката владина војска за заземањето на стратегискиот врв Кулкутурје на Неретската планина, меѓу селата Нерет и Трсје, во Егејскиот дел на Македонија.
Оваа последна борба на Цвета беше 90-та по ред, во која таа учествуваше до последниот здив. За нејзиното херојско држење во оваа борба, како и за учеството во претходните крвави битки ѝ беше доделен посмртно втор орден за храброст. Во знак на признание за нејзиниот хероизам партизаните од 18-та бригада на ДАГ, во која Цвета се бореше, издадоа весник под името “Цвета”.
Нејзиното херојско „ура“ и револуционерен македонски здив згаснаа тој ден на Кулкутурје, но го оставија нејзиниот аманет до сите Македонци, од сите делови на Македонија, и тие да ја преземат нејзината омраза кон сите поробители на нејзиниот македонски народ и таа омраза да ја стават на своите штитови во борбата со сите уништувачки, денационализаторски и асимилаторски удари кон македонскиот народ, за да биде и натаму Цвета меѓу нас со своите извици „Удрете, удрете…“…
Навраќањето на 74-тата годишнина од загинувањето на Тина Андреева – Цвета, Македонката, а не „Егејка“, хероината и воен командант, во борбата против грчката владина војска, е уште исклучителен повод да се нагласи дека таа и Македонците од Егејскиот дел на Македонија учествуваа како недделив дел на единствениот македонски народ во сите делови на интегралната етнојазична територија во неговата сеопшта борба за национална слобода и за самостојна и обединета Македонија, која беше распарчена со катастрофалниот Букурешки договор од 1913 година.
Животот, борбата за македонската кауза и држава и јуначката смрт на Тина Андреева – Цвета се уште еден возвишен и светол показ дека Македонците од Егејскиот дел на Македонија се составен и недделив дел од матицата на македонскиот народ и не постојат никакви засебни „Егејци“, какви што сака да измисли и да вметне оваа антимакедонска Влада во преамбулата на Уставот, исто како што не постои ниту некаква посебна „Торбешка етничка група“, кои се исламизиран составен дел од македонската нација и за кои е целта, исто така да се стават во Уставот, заедно со „бугарскиот државотоворен народ“.
Овие обиди за „етнички инженеринг“ врз македонската нација во рамки на испланираните уставни измени се уште една, нова фаза од спроведувањето на геноцидниот „Преспански“ и „Бугарски договор“, кои целат кон конечно и целосно распарчување и уништување на македонскиот народ, исто како што беше распарчена и окупирана неговата етнојазична територија, инаку неделена во сите изминати векови под ропството во Турската империја. Сега со уставните измени се цели кон тоа да се отстрани постоењето на македонскиот народ и во единствениот негов преостанат, Вардарски дел на македонската територија и да се приграби и да се подели и тој дел.
Тина Андреева – Цвета е меѓу најистакнатите македонски жени – борци на ДАГ, кои храбро се бореле за слобода на македонскиот народ. Демократската армија на Грција била под команда на Комунистичката Партија на Грција. Армијата броела 35 илјади војници, од кои 14 илјади биле Македонци од Егејскиот дел на Македонија. Псевдонимот го добила според толкувањето на ликот на Цвета во претставата „Македонска крвава свадба“ од македонскиот драматург Војдан Чернодрински, која за првпат била изведена во селото Емборе, Кајларско во 1944 година. Тина Андреева – Цвета е родена во костурското село Мокрени, во Егејска Македонија во 1928 година во семејство познато со своите револуционерни традиции. Ќерка на Кузман Андреев и правнука на костурскиот војвода на ВМРО Никола Андреев (Алај Беј).
Уште од најмлади години Цвета беше напоена со македонски револуционерни идеи. За време на диктатурата на Метаксас во Грција нејзиниот татко Кузман Андреев беше затворен од грчките власти под обвинение дека наводно вршел во родното село пробугарска пропаганда. Но Тинка, иако беше мало девојче, најде сили и смелост да им докаже на грчките џандари дека нивните обвиненија се лажни и дека тоа е измислена провокација за да го оправдаат судењето на Кузман.
За време на фашистичката окупација, Тинка, бидејќи беше млада девојка, не пројавила некоја посебна активност. Љубовта кон ослободувањето на македонскиот народ дојде до целосен израз летото 1945 година кога и во селото Мокрени беа поставени основите на македонската ослободителна организација НОФ, во чиј состав дејствуваа Антифашистичкиот фронт на жените /АФЖ/ и младинската организација НОМС. Цвета меѓу првите во селото се вклучува во редовите на НОМС и заедно со своите соселанки Ленка, Дота, Анета и други со љубов и патриотско чувство се ангажира во собирањето храна и облека за потребите на прогонуваните илегалци. Поради ваквата активност, таа беше уапсена од грчката полиција. Но и покрај тоа што беше ѕверски мачена, таа ништо не призна.
По ослободувањето од затворот Тинка беше принудена да премине во илегалство. Подоцна доброволно се вклучува во партизанските групи и со пушка в раце ја продолжува својата борба против грчките банди. Во многу кратко време во редовите на ДАГ таа се истакнува со своето херојство. Согледувајќи ги нејзините воени способности и активноста во борбата против ненародниот режим, раководството на Комунистичката партија на Грција во почетокот на 1947 година ја испрати да го посетува курсот за подофицери, кој се одржа во селото Котелци, на планината Грамос. По завршувањето на курсот како командир на вод храбро се бореше на планините Вичо, Грамос, Сињачко, Коница и на други места. За својата храброст, смелост, решителност и пожртвуваност, често пати беше пофалувана и одликувана. Но Цвета не беше само храбра девојка. Исто така таа беше многу весела и распеана партизанка. Благодарение на овие одлики за многу кратко време таа стана љубимка на борците на ДАГ и прочуена насекаде.
Како пример за нејзиното херојство може да послужи следниот случај. Во 1948 година, за време на летната непријателска офанзива на планината Грамос, единиците на ДАГ ги држеа позициите кај воденицата над селото Омоцко. Цвета со својот вод ги држеше позициите по десната страна на патот каде имаше поставено заседа. Утрото, в зори, една грчка владина единица го обиколила водот на Цвета. Во моментот кога таа се исправила за да ја испита ситуацијата, еден војник зад неа се нафрлил, за да ја зароби. Тој успеал да ја фати за шинелот. Но благодарејќи на својата ладнокрвност, снаодливост и умешност, Цвета успеала да се извлече од шинелот и, откако се свртила, со еден рафал од автоматот го покосила војникот, оставајќи го на местото мртов со нејзиниот шинел во рацете.
Веднаш по рафалот на Цвета од двете страни се отвори оган и почна жестока борба, во која грчките владини војски претрпеа голем пораз и се дадоа во панично бегство. За херојството и храброста на Цвета се искажаа голем број борци и старешини на ДАГ меѓу кои и грчкиот публицист и писател А. Пинду. Тој во своите сеќавања за неа меѓу другото пишува: “Во едно ведро попладне со пушка на десното рамо се појави во дивиот Вичо и рече: ‘Дојдов да се борам во вашата бригада, другари’. И оттогаш како пролет да се пресели во бригадата. Каде е Катина таму е песната, таму е радоста. За кратко време разбра целата бригада од каде е, како се борела, за нејзиниот хероизам и пожртвуваност. Кога влегуваше во бој стануваше огин и молња, што гори и пламти. Јуришаше храбро и се слушаше нејзиниот глас: ‘Удрете другари, ура!…”
Тина Андреева – Цвета е дел од илјадниците Македонци, припадници на македонското народноослободително движење во Егејскиот дел на Македонија, кои масовно учествуваа на страна на демократските сили на Грција и дадоа голем број жртви. Според некои грчки извори, во редовите на ЕЛАС доброволно служеле околу 5 илјади македонски борци, а во резервниот ЕЛАС имало повеќе од 15 илјади Македонци. За време на Граѓанската војна во Грција во редовите на ДАГ и нивните помошни единици имаше повеќе од 20 илјади македонски борци, од кои околу 4 илјади девојки и жени. Во својата долгогодишна борба, што ја водеше македонскиот народ заедно со грчките напредни сили против домашната реакција и англоамериканската интервенција, даде повеќе од 20 илјади жртви како борци на ЕЛАС и ДАГ и активни членови на КПГ, СНОФ и НОФ, од кои неколку стотици беа истакнати првоборци, организатори и раководители на организациите СНОФ, НОФ, НОМС и АФЖ, команданти и политкомесари на партизански единици на ЕЛАС и ДАГ и тн.
Со своето масовно учество во антифашистичката борба македонскиот народ од Егејскиот дел на Македонија си имаше поставено цел извојување на своите национални права, пред се да се обедини со деловите на македонскиот народ од Пиринскиот и Вардарскиот дел на Македонија. Со својот живот и револуционерна дејност борците и раководителите на македонското народноослободително движење во Егејскиот дел на Македонија (НОФ), кои се бореа и загинаа во периодот 1945-1949 година, се докажаа како доследни наследници на своите предци – Илинденци.
Подготвил: Свето Тоевски, со користење на книгата „Светли ликови од Егејскиот дел на Македонија (1945-1949) од Ташко Мамуровски, објавена во јуни 2022 година (стр.114-117), како и други медиумски и историографски извори.





