Алжир денеска ја обвини Франција за „геноцид“ и најави повлекување на нејзиниот амбасадор од Париз во гнев, поради „неприфатливите“ коментари на претседателот Емануел Макрон.
Острата ескалација на тензиите следеше по одлуката на Франција да го намали бројот на визи издадени за луѓе во Северна Африка, вклучително и Алжир, бидејќи тамошните влади одбиваат да прифатат мигранти протерани од Франција, пренесува агенцијата АП.
Макрон упати критички забелешки до Алжир, објавени во францускиот дневен весник „Ле Монд“, во кои тој рече дека со поранешната француска колонија владее „политичко-воен систем“, дека Алжир има „официјална историја“ која е „целосно ревидирана“ која „не се базира на вистини“, туку „на омраза кон Франција“, наведува весникот „Монд“.
„Дали алжирската нација постоеше пред француската колонизација?“, запрашал Макронво изјава за весникот.
Коментарите се „неприфатливо мешање“ во внатрешната политика на Алжир и се „неподнослива навреда“ за Алжирците кои загинаа во борбата против францускиот колонијализам, се вели во соопштението на алжирското претседателство.
„Злосторствата на колонијалната Франција во Алжир се безбројни и одговараат на најстрогите дефиниции за геноцид“, се додава во соопштението.







