Екстремно-десничарската Алтернатива за Германија (AfD) ќе се заложи за референдум по примерот на Брегзит (DEXIT) за членство во ЕУ, доколку дојде на власт, изјави лидерката на партијата Алис Вајдел, поздравувајќи го излегувањето на Обединетото Кралство како сосема правилен потег.
„Тоа е модел за Германија, опцијата да може да се донесе таква суверена одлука“, рече Вајдел во интервју за „Фајненшл тајмс“.
Вајдел ја води партијата од 2022 година и вели дека владата на АфД ќе се обиде да ја реформира ЕУ и да го отстрани нејзиниот „демократски дефицит“, вклучително и ограничување на овластувањата на Европската комисија, како „неизбрана извршна власт“.
„Но, ако реформите не се можни, ако не успееме да го обновиме суверенитетот на земјите-членки на ЕУ, треба да ги оставиме луѓето да одлучуваат, исто како што направи Обединетото Кралство.
Оваа идеја отвора големо табу во Германија, каде мејнстрим партиите се цврсто проевропски.
Исто така, германскиот устав поставува строги ограничувања на националните плебисцити, па дури и да се одржат, анкетите покажуваат дека огромното мнозинство Германци би гласале за останување во ЕУ.
Сепак, меѓу гласачите на АфД, поддршката за ЕУ е најслаба.
Вајдел зборуваше во контекст на големото зголемување на поддршката за AFD, која според анкетите изнесува 22 отсто – што е повеќе од сите три партии во несигурната коалиција на канцеларот Олаф Шолц – социјалдемократите, зелените и либералите.
AfD се очекува да победи на регионалните избори во септември во источните покраини Саксонија, Бранденбург и Тирингија – но со оглед на тоа што сите други водечки партии одбиваат да склучат коалициски договори со AfD, нејзиниот пат до власт е неизвесен.
Германската разузнавачка агенција укажа на екстремизмот во рамките на АфД и постави неколку партиски функционери под надзор.
Сепак, партијата профитираше од јавното незадоволство од канцеларот Шолц и неговото лошо управување со економијата.






