Алтернатива бара МНР да реагира зашто Србија станувала опасна за секој Албанец

Македонското министерство за надворешни работи да реагира откако во Србија било малтретирано семејство од Гостивар, бидејќи еден од патниците во возилото имал албански етнички симбол на својата маица, бара Алтернатива.



Од партијата бараат официјални информации од Министерството за надворешни работи на Македонија какви дипломатски мерки презело или ќе преземе за ова, според Алтернатива, сериозно кршење на меѓудржавните односи и страшна албанофобија.

„Притоа, не можеме а да не заклучиме дека ваквото албанофобично однесување на Србија кон Албанците, овој пат врз граѓани на Македонија, покажува дека ништо не се променило во Белград од времето на Милошевиќ и дека соништата на Ковачевски и Али Ахмети за „Отворен Балкан“ Вучиќ ги превртува кога сака и како сака“, велат од Алтернатива.

Според партијата, индикативно е дека овој чин се совпаѓа и со кампањата на Владата што се прави против албанските етнички симболи, што се појавија пред неколку дена на еден митинг во Тетово.

Алтернатива е загрижена дека Северна Македонија, со оваа Влада, станува полигон на Србија.