Транспортни возила како автобуси, комбиња и такси возила и понатаму сообраќаат по патиштата во нашата земја кои освен што се без лиценца за работа, имаат и големи технички дефекти, велат податоците од СВР.
За осум месеци, тетовската полиција од извршените проверки наишла на 174 возила од јавниот превоз со дефекти, поголемиот дел имале проблеми со сопирачки, од кои 68 во Тетово и 106 во Гостивар. Дури 39 превозници работеле на црно, односно без лиценца за јавен превоз.
Во Тетово околу 70-80 отсто од превозниците се без лиценца за работа.
„Вкупниот број на контроли, во просек имаме 20-30 контроли месечно. Од овие контроли, само 20 до 30 отсто се опремени со документација и поседуваат лиценци или документација согласно законот“, изјави Бујамин Фејзулаху, инспектор за транспорт на Општина Тетово.
Според Инспекторатот, но и полицијата на Тетово, незаконското работење може да се искорени доколку јавниот превоз меѓу општините во полошкиот регион го организираат самите општини. Инаку, освен неправилностите, по нашите патишта сообраќаат и возила во јавниот превоз кои се стари повеќе од 30 години.







