„Алкалоид“ АД Скопје е компанија што повеќе од 80 години успешно работи, расте, се развива и поставува нови стандарди во деловното работење во земјава и регионот. Позната не само по успешното работење, туку и по добротворните ангажмани и донации и по активната вклученост во заедницата на која, како што самите велат, имаат обврска да ѝ вратат дел преку донации, стипендии и спонзорства, што низ годиниве несебично го докажуваат.
„Алкалоид“ се грижи за своите вработени со обезбедување конкурентно работно окружување, обука и наградување на вработените, но не ги заборава ниту пензионерите, кои со својот поранешен ангажман, труд и знаење ги поставиле темелите и придонеле за раст и развој на компанијата.
Деновиве секој пензионер и поранешен вработен од „Алкалоид“ беше сведок на убав гест на внимание од компанијата, со доставување пакет производи од „Алкалоид“ на домашна адреса.
Една од пензионерите на „Алкалоид“ е Татјана Лучко Јовановиќ, дипломиран инженер технолог, која деновиве беше пријатно изненадена од вниманието од „Алкалоид“.
„ Им благодарам на „Алкалоид“ што со овој гест на внимание уште еднаш докажуваат дека им оддаваат признание и не ги забораваат пензионерите што со својот поранешен ангажман и труд имаат заслуги за успехот на компанијата што денес е пример за успешно работење во земјава и регионов. Целиот работен век, од вработувањето во 1971 до пензионирањето во 2001 година, го поминав во „Алкалоид“ и со задоволство се потсетувам на тие денови, на колегите и вработените на чело со првиот директор Темелко Поповски, потоа Глигор Чачев, инженер технолог школуван во Загреб и дојден од фабриката „Сапонија Осиек“, од кого имав можност многу да научам, па строгиот и уреден Ангел Симов, фармацевт под чие раководство фабриката блескаше, до Трајче Мукаетов, инженер информатичар што постави нови стандарди во работењето и кој ми дозволи во витрините во неговата канцеларија, дотогаш полни со книги и списанија, да го изложам богатиот асортиман на козметички производи од мојот оддел „Козметика““, вели Татјана Лучко Јовановиќ.
„Со гордост можам да истакнам дека како технолог работев на создавање и развој на безброј козметички препарати, од кои некои и денес со задоволство ги гледам на продажните места и ги користам, од производите на линијата на „Сатва“, „Бекутан“, „Асо“, „Глос“, па поранешниот парфем „Домино“, кој содржеше најфино етерично масло од француско потекло и кој во тоа време беше најпродаван парфем во поранешна Југославија, колонската вода „Бонд“, разни медицински кремови, потоа инсектицидот „Алцид“, првиот еколошки инсектицид во тогашна Југославија, чија активна состојка се разградува и не е штетен за околината, до спрејот за коса за професионална употреба „Вал“, кој е лично мој производ, а кој и денес е прв избор на фризерите, затоа што не ја оштетува косата, нежно ја обликува и лесно се расчешлува“.
Во седумдесеттите години имав интервју во српското списание „Базар“ под насловот македонската Коко Шанел, каде што говорев за мојот ангажман и успесите на компанијата, а бев сликана во раката држејќи шише од колонската вода „Бонд“, уште еден успешен производ на „Алкалоид“ од тоа време со супериорен квалитет и одличен пласман во тогашната држава. Спомените се убави и безбројни, како и производите на „Алкалоид“, кои поминале низ мојата лабораторија за контрола на квалитетот – вели оваа дама и додава дека тајната на нејзиниот младолик изглед се должи на долгогодишно користење на колагенскиот крем за лице „Сатва“.
– Уште еднаш му благодарам на раководството на „Алкалоид“ и им посакувам уште многу години успех во работењето. Со ова уште еднаш докажуваат дека се посветени на својата мисија и носечките слогани „Здравјето пред сè“, и „Луѓето пред сè“.






