По денешната владина седница министри од Алијанса за Албанците со остри реакции за начинот на кој се водела истата. Според министрите за здравство и за информатичко општество и администрација, Фатмир Меџити и Азир Алиу, денешната владина седница се одвивала надвор од сите процедури и на неа поминале само тие точки за кои давал дозвола Артан Груби.
Тие доцна попладнево одржаа прес-конференција пред зградата на Владата, која првично беше закажана за во медија центарот, но обезбедувањето им посочило на новинарите и министрите да излезат надвор, со образложение дека прес-конференцијата не била уредно најавена.
Алиу посочи дека на денешната седница биле разрешени двајца директори, кадар на Алијанса за Албанците, за кои претходно немало договор од таков исход, но откако реагирале, наместо техничкиот премиер Талат Џафери, Груби им одговорил дека тоа така треба да биде.
Разрешени се директорот на Македонски пошти, Бујаре Абази, како и директорот на Агенцијата за странски инвестиции Газменд Абдија. Абази е и потпретседателка на АА.
Двајцата министри рекоа дека секоја точка на дневен ред што доаѓала од нив, веднаш се одбивала.





