Алими: Квислингот Ахмети лажно ги обвинува Касами и Села, за да ги прикрие поразите

„Али Ахмети, кој ја заборави 2001-та и тргна по патот на квислинзите, лажно ги обвинува Билал Касами, Зијадин Села и другите за наводна проруска ориентираност и ‘за’ српските политики. Тоа го прави бесрамно, само за да ги прикрие своите порази и грешки кон народот“ – вели Назим Алими, активист на албанската дијаспора од САД, во својата колумна со наслов „Војната за власт на Али Ахмети и неговите обвинувања кон Касами и Села“, која ја објави информативната агенција на албански јазик ИНА.



Во оваа колумна Назим Алими е означен како „висок член на Американско – Албанскиот граѓански сојуз на Џо Диогарди“, што би можело да имплицира дека овие тешки обвинувања преку океанот, насочени против лидерот на ДУИ, одразуваат и одредена позиционираност на Американско – Албанскиот сојуз како една од најмоќните лоби – организации на Албанците во светот, кон владејачката албанска партија ДУИ во Македонија и нејзиниот лидер Ахмети. Претседателот на оваа лоби – организација Џо Диогарди (81) е американски политичар, поранешен член на Претставничкиот дом на САД од Републиканската партија и основач на споменатиот сојуз во 1989 година.

Назим Алими пишува: „Претседателот на ДУИ Ахмети и неговата клика објавија лажни обвинувања против Билал Касами, Зијадин Села и против другите, оти се, наводно, проруски ориентирани и се за српските политики. Ова не е вистина. Самиот Али Ахмети, како и Касами и Села, имале средби со американската администрација и не може да се каже дека се проруски ориентирани. Уште полошо е тоа што Али Ахмети ја заборави 2001-та и тргна по патот на квислинзите. Тој се измами самиот себеси и како да се вљуби сам во себе, па така ги изманипулира војната и многу други нешта.“

„Соработката на неговата партија со проруската ВМРО ДПМНЕ на Никола Груевски не може да го испере од руското влијание. ДУИ и порталите на Али Ахмети не можат да објавуваат обвинувања против Касами и Села. Ахмети ги надмина сите можности Албанците таму, во Македонија, да бидат рамноправни и без срам обвинува други, прикривајќи ги своите порази и грешки кон народот. Сега или подоцна гласот на народот ќе покаже многу работи.“